Руинирани болници. Стара и неквалитетна опрема. Редукција на професионалци, специјалисти… Превработен партиски кадар со средна стручна спрема, од една, и затворени операциони сали заради недостиг на медицински персонал, од друга страна. Нечистотија. Неред. Неодговорност. Партиска агенда наместо медицинска заштита и лекување на пациентите. Граѓан(к)и без соодветна заштита. Бројот на заболени расте, пропорционално со одливот на квалитетни и професионални кадри во странство.
„Рибата смрди од главата“, рекол народниот мудрец! Не згрешил!
Со Министерството раководи пратеник, наместо министер. Пратеникот одлучил во партиски дух, да распише и тендери. Па, проблемите кои ги создаде во досегашниот министерски стаж, сега има интенција да ги исправи, набрзина, во чекор, додека се формира нова влада.
И сѐ е нејасно, додека човек не одлучи, да го анализира неговото CV, кое ја дава етиологијата на метастазите на македонското здравство, коишто се шират со огромна брзина.
Министерот-пратеник или уште подобро, пратеникот со опсесија да остане министер, има едногодишно искуство како заменик-директор на ЈП за станбен и деловен простор. Разбирливо, оттука и желбата да се распишуваат тендери за реконструкција на здравствените установи. А, ефектот е евидентен. И при реконструирани објекти, тавани паѓаат!
Истиот пратеник-министер, три години бил неизвршен директор на АД ГТЦ – Скопје, раководител на Центарот за катастар за недвижности, но и член на Надзорниот одбор за материјално-финансиското работење на ЈП Водовод и канализација во Скопје. Оттука и неговиот потенцијал за распишување тендери за набавки, но не за водоводни цевки, туку за медицински апарати.
Искуството пред 12 години, како aдминистративен и технички референт, во проект за градење на координиран одговор за борба против ХИВ/СИДА , најверојатно му помогна многу, па граѓаните и на протести бараа поголем фонд за превенција од ХИВ.
Двегодишниот стаж како министер за образование сигурно многу му помогна во спроведување на кадровските реформи во здравството. Резултатот-застрашувачки, цели општини без гинеколози, оториноларинголози, ортопеди… Од врвните, професионалците, останаа во најголем број партиски војници, кои како што ќе рече еден од нив, „ако беа способни, не ќе останеа во јавно здравство“.
Но, повторно да се вратиме на CV-то на пратеникот -министер. Овој хаос во здравството е сосем логичен, зашто, современиот медицински менаџмент, не бара сезнајковци, туку субспецијалисти.
И по таа логика, пратеникот-министер доволно е само да се присети на својот прв ангажман пред 15 години, како приправник на истражен судија во Основен суд Скопје 1, за да се осознае и ја ослободи министерската фотелја, па да се врати во парламентот, да ја изгласа новата влада, да си изрече соодветна морална и законска казна за (зло)употребата на миинистерското место и да го ослободи Министерството.
Зашто во моментов, неговото отсуство е основниот медикамент, како подготовка за обемниот, сложен оперативен зафат – да се исече целосно, метастазираното ткиво на Министерството за здравство, кое без адекватна, стручна, професионална ревитализација и рехабилитација, ќе влезе во статус пост мортале.