Еколошкиот билборд што е донација на германската амбасада денеска е поставен во центарот на Скопје, непосредно до хотелот „Мериот“. Овој растителен филтер ќе го прочистува воздухот, зашто има капацитет да компензира загадување од 417 автомобили на годишно ниво, а има ефект како 275 дрвја. Зелениот билборд може да се адаптира во секоја средина. Оваа донација е дел од проектот за клима и заштита на климатските промени „City tree“, а ја промовираа НВО „Екосвест“ и германската амбасада.
„Инсталацијата е направена од голем број индивидуални саксии, во кои што се поставени два вида растенија, под кои има мов, а кои собираат ситна прашина, ПМ честички со големина од 10 и 2,5 микрометри, тешки метали, сулфурни и азотни оксиди, јаглерод моноксид, јаглерод диоксид, озон“, рече Ана Чоловиќ Лешовска од НВО „Екосвест“ на денешната промоција.
Според, германската амбасадорка, Кристине Алтхаузер добар воздух, добра вода и неуништена животна средина се важни добра во Скопје, Тетово и Битола, исто како и во Осло.
„Со средства од климатскиот фонд, германското МНР во 2016 година поддржа два проекта во Македонија, а еден од нив е „City tree“. За 2017 година се предвидени нови проекти“, рече амбасадорката Алтхаузер.
Надлежните од Град Скопје изразија надеж дека овој билборд ќе придонесе во подигнување на свеста на граѓаните, од аспект на тоа, колку е важна животната средина, од аспект на големата опасност, која што доаѓа од климатските промени и како секој може да се вклучи во надминувањето на тие проблеми и да се создаде подобра животна средина.