„Не може да зборуваме за социјална правда во земја каде постојано се барат донации и хуманитарна помош за случаи за кои, во нормално општество, државата би требало да помогне“, изјави Илија Балтовски од организацијата „За нас се работи“, во разговорот за ЦИВИЛ Медиа на тема – социјална правда и иселувањето од Битола.
Традиционално печалбарската Битола, во последните години прерасна во град во кој финансиските проблеми не се единствената причина за иселување на младите. Според Илија Балтовски, од „За нас се работи“, еден од главните мотиви за иселување на многу негови пријатели и познаници, професори, доктори, интелектуалци…, е уривањето на човечкото достоинство.
„Многу луѓе, особено млади, заминаа од Битола за да останат достоинствени луѓе“, вели Балтовски.
Со нашиот соговорник зборувавме и за слабата економија и затворањето на дуќаните низ битолската чаршија.
„Битолчани сами не можат ништо да направат. Сепак, потребна е стратегија за развивање на градот. За жал, Битола е заборавена, Битола е на маргините… Некој намерно ѝ го прави ова на Битола“, рече Балтовски, објаснувајќи ја отсеченоста на градот од геополитички аспект во однос на останатиот дел од земјата.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Маја Ивановска
Интервјуто е дел од проектот „Општество без граници“, што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува со поддршка од германската Фондација „Хајнрих Бел“. Цел на проектот е промовирање и едукација на граѓанките и граѓаните на Македонија за „Граѓанската повелба“, глобален документ за унапредување на граѓанските права и на активното учество на граѓаните во процесите на одлучување.