Гоце Делчев, претседател на Независниот синдикат на полицијата (НСП), во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа ги потенцира проблемите со кои се соочуваат полицајците и како катастрофалното ниско ниво на стандардот на вработените во МВР – влијае врз безбедноста на граѓаните, но и на безбедносната ситуација во државата. Тој зборува за синдикалното организирање во специфичните услови во кои е организирана и работи полицијата, како и за следните чекори на НСП за подобрување на работните услови на полицајците и за средствата потрошени за обесштетување на обесправените полицајци кои ги добиле судските постапки против МВР.
Како што ни изјави Делчев, а што и Независниот синдикат непрекинато го потенцира – во последно време нема ни вода во одредени полициски станици, нема млеко и други намирници што им следуваат на припадниците на ЕБР и на ПЕП, нема соодветна опрема, чевли, чизми и нема некои основни средства за работа и за функционирање на полицијата.
„Горд сум што токму во овој временски период, јас како индивидуа, се вклучувам во вакво синдикално уредување, затоа што Македонија, наназад 25 години, исклучиво се базираше на еден синдикат (ССМ – н.з.). Тој синдикат, непрекинато, во континуитет, исклучиво беше со сите влади и власти што од 1991 до денеска… Синдикалната ‘власт’, заедно со власта, работеше против интересот на работникот!“, додавајќи дека во моментов, граѓаните имаат избор меѓу повеќе синдикални конфедерации, преку кои можат да си ги остварат и заштитат своите работнички права.
„Очите на граѓаните во последните неколку години се директно вперени во сето она што се случува во МВР… Затоа е исклучително значајно, на секој вработен во МВР, според сите стандарди кои ги пропишуваа Законот за внатрешни работи, законот за полиција, ЗРО и особено Колективниот договор, да му се овозможат работничките права. И според Уставот, и според европските и светските нормативи за начинот на функционирање на вработените во полицијата…“, рече Делчев.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Маја Ивановска
Интервјуто е дел од проектот Општество без граници, што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува со поддршка од германската Фондација „Хајнрих Бел“. Целта на проектот е промовирање и едукација на граѓанките и граѓаните на Македонија за Граѓанската повелба, глобален документ за унапредување на граѓанските права и на активното учество на граѓаните во процесите на одлучување.
This post is also available in: English