Општество без граници е пилот-проект на ЦИВИЛ – Центар за слобода за промоција и граѓанска едукација за Граѓанската повелба, социјалната правда и екологијата. Проектот се обидува да ги поврзе овие три обемни области – социјалната правда, екологијата и граѓанското учество. Воедно, ЦИВИЛ се обидува да ги истражи можностите за воспоставување комуникација и соработка во граѓанскиот сектор кој се занимава со овие прашања.
Пилот-проектот се спроведува со поддршка на германската Фондација Хајнрих Бел и претставува комплексен зафат кој подразбира подготовка на анализи, медиумска продукција, вмрежување, теренски активности, граѓанска едукација и завршна конференција на која ќе бидат поканети релевантни носители на одлуки и претставници на засегнати страни. Проектните активности се максимално транспарентни и секоја од нив е претставена преку обемната медиумска платформа на ЦИВИЛ и на социјалните мрежи, преку главната Фејсбук страница на ЦИВИЛ, како и Социјална правда сега! и Слободни избори (за референдумот во Гевгелија). Така, веб страницата Зелен ЦИВИЛ, објавува медиумски содржини релевантни на овој проект на македонски, албански и англиски јазик. Исто така, на веб страниците на ЦИВИЛ Медиа, на македонски, албански и англиски јазик, се објавуваат интервјуа, анализи и други медиумски прилози поврзани со овој проект.
Граѓанската повелба е глобален документ за унапредување на човековите права и активното учество на граѓаните во процесите на одлучување. Повелбата се појавува во време кога политиката и бизнисот грубо ги кршат човековите права и слободи и го стеснуваат просторот за граѓанско дејствување. ЦИВИЛ е една од првите 50 организации – потписнички на Повелбата на светско ниво која се промовираше минатата година на светската конференција за глобални перспективи одржана во Берлин, на иницијатива на Меѓународниот центар за граѓанско општество и повеќе реномирани светски граѓански организации.
ЦИВИЛ, како носител на промотивните и едукативните активности во Македонија, организира 12 настани на отворено, со инфо-штандови на кои граѓанките и граѓаните можат да се запознаат со Граѓанската повелба, да потпишат изјава за поддршка на Повелбата или да учествуваат во фото и видео петицијата, но и да споделат предлози, препораки, коментари и сведоштва со тимот на ЦИВИЛ.
Мултимедијални настани се одржаа во Гостивар, Велес, Битола, Тетово, Штип, Охрид, Струга и во центарот на Скопје. Со помали активности, тимот на ЦИВИЛ ги посети и општините Ресен, Пробиштип, Гевгелија и други. Предвидени се уште настани во Скопје и еден во Кавадарци до крајот на месецот, како и конференција кон средината на јуни.
Граѓанската повелба досега ја подржаа повеќе од 250 граѓанки и граѓани со свои потписи на инфо-штандовите. Во сите општини што тимот на ЦИВИЛ ги посети, новинарската екипа на ЦИВИЛ Медиа направи анкети на тема социјална правда и екологија. Досега се спроведоа 10 анкети, и тоа: „Каква социјална правда? Градот е мртов!“ во Гостивар, Тешко на работниците! во Битола, Луѓето се плашат да се борат за своите права! во Штип, Говорот на омраза е создаден од политичарите во Охрид,, Со платите во Македонија може да пиеш само вода и да чекаш да умреш! во Скопје, Категорично „не“ за изградба на рудник во Гевгелија!, Социјална правда нема, и нема ни да има! во Струга, Власта ги крши работничките права! во Велес, Луѓето се плашат да се борат за своите права! во Штип и Со 50 евра не се живее! Срамота! во Тетово.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ како дел од активностите, на волонтерска основа, го набљудуваше спроведувањето на референдумот во Гевгелија на 23 април (недела). Референдумското прашање на кое гевгеличан(к)и одговараат беше: „Дали во Општина Гевгелија треба да се дозволи отворање рудници?“. Граѓанската инцијатаива „Спас за Гевгелија“, претходно спроведе кампања истакнувајќи ги еколошките штети што би произлегле од отворање на рудниците.
ЦИВИЛ имаше и серија средби со истакнати активисти и организации во регионите што ги посети, за развивање на меѓусебната соработка и давање поддршка за граѓанскиот активизам во духот на Повелбата.
Серија интервјуа со претставници на граѓанското општество, експерти за социјални и еколошки прашања и синдикални лидери беа дел од активностите поврзани со проектот Општество без граници.
ЦИВИЛ имаше можност да разговара со д-р Бранко Блажевски за состојбата на јавното здравство, со Беким Асани, Војо Маневски, Горан Трајков, Илчо Захариев, Зизо Љамковски, Даница Павловска, Илија Балтовски, Мила Царовска, Бранимир Јовановиќ, Ристо Ајтов, Никола Славевски, Ненад Коциќ , Соња Стојадиновиќ, Мухамед Точи за социјалната правда, работничките права и узурпацијата на јавниот простор и со Јаков Попоски, Марко Гучески, Светлана Станојковска, Душко Груевски, Арианит Џафери, Игор Смилев за еколошки прашања.
Секој настан беше најавен со соопштение, а покриен со краток извештај од двочасовните комуникации со граѓанките и граѓаните и со фото албуми на фејсбук страницата на ЦИВИЛ.
Граѓанската повелба се преведе на македонски, албански, турски, ромски, српски и влашки јазик.
Биљана Јордановска
This post is also available in: English