Повеќе граѓански организации, во очекување на формирање на нова влада, презентираа план за управување со загадувањето во Македонија. ЦИВИЛ Медиа разговараше со Невена Смилевска, проектен координатор во „Еко-свест“, организација која е една од потписничките на планот. Планот за управување опфаќа сеопфатна анализа на закони, регулативи и механизми за справување со горливиот национален проблем со амбиенталниот воздух.
„Планот го подготвуваме од минатата година кога седум организации се одлучија на координирана акција, со цел подготовка на стратегија за решавање на проблемот со загадувањето. На планот работевме во координација со надлежни институции и министерства, со исклучок на МВР, со кое не успеавме да закажеме средба. Разговаравме за тоа каде тие ги идентификуваат проблемите, а работевме и на конкретни мерки“, истакна Смилевска.
Планот бил презентиран во Град Скопје, оттаму не го поддржаа, но по два месеца објавија свој план за справување со загадувањето, во кој, како што вели Смилевска, се вклучени дел од нивните мерки.
„Планот го презентиравме и во Министерството за животна средина, сега знаеме дека ќе има нов министер но административната служба останува. Сепак, очекуваме и средба со новиот министер, затоа што аерозагадувањето е приоритетен проблем што во изминатите 5-6 години никој не го решава“, вели Смилевска која потенцира дека доколку не сакаме да се соочиме со истите проблеми во октомври, проблемот треба да почне да се решава од денес.
Планот за управување опфаќа сеопфатна анализа на закони, регулативи и механизми за справување со горливиот национален проблем со амбиенталниот воздух.
За секторот сообраќај, здруженијата препорачуваат општините да изработат посебни сообраќајни планови при зголемено загадување и да ги достават на одобрување во МВР, далеку пред почетокот на есента. За јавниот сообраќај би се вовеле стимулации за јавен превоз. Истовремено, како мерка е посочена и потребата од друг јавен превоз – воведување на тролејбус, трамвај или урбано шинско возило, каде тоа е возможно. За индустријата е потенцирана примена на принципот „загадувачот плаќа“.
Во Македонија се евидентирани 117 големи индустриски инсталации кои треба да обезбедат А-еколошка дозвола. До 2013 година ресорното Министерството имаше издадено само 23 еколошки дозволи (од кои 15 А-дозволи за усогласување со оперативен план и 8 А-интегрирани еколошки дозволи), односно, за период од 6 години беа издадени околу 19% од потребните дозволи. Оттука, организациите препорачуваат сите индустриски капацитети во државата да мораат да добијат А-интегрирана дозвола и да работат според НДТ.
Околу домаќинствата, потенцирано е дека одреден број социјално загрозени семејства користат несоодветен или опасен отпад (пластика, синтетика, гуми, отпадно масло) за затоплување. Ова е голем и речиси нерешлив проблем поради сериозно нискиот стандард на живеачка.
„Овие семејства треба да имаат алтернатива за материјалите, но и за методот на затоплување. Постојат повеќе мерки кои можат да се применат, како на пример, донирање на огревен материјал, донирање на печки со висок степен на целосно согорување, едукација на принципот од врата до врата… Дополнително, граѓаните може да се стимулираат да се вклучат (или вратат) на централно парно греење, да се субвенционираат при набавка на пелети и соларни фотоволтации“, стои во документот.
Во однос на дестимулацијата на горење дрва, генерално постои сфаќањето дека поради недостиг од други опции, дрвото како огревен материјал е најчестиот и најефтиниот избор. Напротив, велат авторите на Планот, тоа треба да биде последен избор. Овој проблем дополнително е влошен поради нелегалната сеча и продажбата на дрвниот материјал за уште помала цена.
Во однос на енергетската ефикасност, организациите препорачуваат да се обезбедат финансии за поддршка на мерки за заштеда и ефикасно користење на енергијата, како и користење на обновливи извори, официјално дефинирање на „енергетска сиромаштија“ во законот, субвенционирање на трошоците за греење и давање помош за подобрување на енергетската ефикасност на домот на оние семејства кои влегуваат во категоријата на енергетски сиромашни корисници (не само на корисниците на социјална помош).
Организациите препорачуваат и регулација во поставувањето на калориметри во колективното централно греење, да се воведе енергетската контрола за сите објекти, а итно да се воспостави и Фонд за енергетска ефикасност. Тој примарно да биде достапен за граѓаните и објектите од јавен интерес (училишта, градинки, болници и други здравствени установи).
Како други хоризонтални мерки се наведени дополнувањето со нови и редовно одржување на постоечките мерни станици за квалитет на амбиентниот воздух.
„Разгледување на можноста за пренос на дел од надлежностите од Град Скопје на општините и на другите институции, организации и експертски тела, со што одредени мерки би се имплементирале од нивна страна во име на Градот“, стои во документот.
На планот за управување потпишани се „Еко-свест“, „Аналитика“, „Центарот за климатски промени“, ОРТ, „Македонски зелен центар“ и „Реактор“.
Планот за управување со загадувањето во Македонија е дел од проектот „Заедно за чист воздух“, финансиран од Амбасадата на САД во Македонија.
Марија Теговска