Потребните 2.000 гласови за распишување на референдум, денеска жителите на Валандово ги собраа за само три часа. Како што на својата Фејсбук страница напишаа активистите од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“, потписите се потребни за да се наложи Општина Валандово, сепак, да организира референдум за функционирање на рудникот за бакар „Казандол“.
Одлуката за собирање на потписи беше донесена откако со седум гласа „за“ и осум гласа „воздржани“, Советот на Општина Валандово не ја прифати иницијативата за распишување на референдум за работа на рудникот „Казандол“.
За овој рудник на референдум ќе се изјаснат и граѓаните на Богданци, откако граѓанското здружение „Спас за Богданци“, поднесе Иницијатива до Советот на Општината , со цел да се спречи работата на рудникот и дополнителна контаминација на животната средина.
Иницијатавата на здружението „Спас за Богданци“ едногласно е поддржана од сите 11 советници. Во општинскиот Совет, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат по пет советници, а ВМРО-НП еден советник. Сите советници беа за тоа -граѓаните на општината, со глас „за“ или „против“, да одлучат дали ќе работи рудникот за бакар.
М. Теговска