Пред четири години, на 14 јуни 2013, стотици скопјанки и скопјани, извикувајќи „Градот е наш, градот не го даваме!“ и „Го сакам ГТЦ“, го „гушнаа“ Градскиот трговски центар во Скопје, во одбрана од „барокот“, од кичот како „идеја за модернизирање“ на Скопје, што подоцна се изведе низ карикатурални антички столбови, куполи и склуптури.
Иницијативата „Го сакам ГТЦ“, преку петицијата за спречување на „барокизацијата“, собра 4.000 потписи. По бројни протести и акции, дебати и јавни настани, иницијативата успеа да влијае врз одлуката на Општина Центар за распишување референдум на локално ниво – за изјаснување на граѓаните за изгледот на ГТЦ, што се одржа на 28 април 2015.
И покрај, бројните опструкции и обиди за бојкотирање на референдумот, како и многубројните нерегуларности што го проследија гласањето, и покрај резултатите кои не беа поволни за иницијативата, ГТЦ успеа да опстои од замавот на „барокизацијата“ што го нагрди ликот на главниот град на Македонија.
ГТЦ остана онаков, каков што пред речиси пет децении го замислиле архитектите, а граден е според проект избран на меѓународен конкурс во 1969 година. Изградбата на ГТЦ завршува во 1973, а активистите од инцијативата, како и поддржувачите, се согласуваа дека ГТЦ треба да се реконструира, но автентично, а не со целосно менување на изгледот во нешто што не му доликува ниту новото време, ниту на првичната идеја за модерно Скопје, ослободено од „барокот“ и од „античките“ архитектонски и квазиуметнички решенија, кои на граѓаните и граѓанките на Скопје, им беа наметнати со контроверзниот проект „Скопје 2014“.