Претходната власт вешто успеа во изминатите десетина години да не подели на „наши“, „ваши“ и „нивни“. И некако, логично е тоа што стотина ромски интелектуалци, активисти, НВО-а…, упатија отворено писмо до премиерот Зоран Заев, поради нивното незадоволство од неименувањето на заменик-министер од ромската етничка заедница.
Ваквиот однос на новата власт, воопшто не соодвествува со паролата „еднакво општество за сите“. Или, можеби, власта нема доверба во квалитетот на претставниците на помалите етнички заедници, во ромските интелектуалци? Не би ме зачудила таква „резерва“ кон „квалитетот“ на ромските претставници во политичкиот живот, бидејќи бевме сведоци во изминатите 11 години, како ромските претставници мудро си молчеа, и не преземаа ништо за својата заедница. Молчеа кога полицијата масовно ги враќаше Ромите од граничните премини и аеродроми, без никакво образложение! Молчеа дури и кога сите чувме од „бомбите“, како поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска наредува да се „фатат Циганите за уши“ и „да се носат на гласање!“ Молчеа и…
Бидејќи не можев да се сетам што направија ромските претставници во извршната власт во изминатите години за подобрување на животот на ромското население, решив да побарам на Гугл, да видам што има направено поранешниот министер без ресор, Неждет Мустафа. Резултатите од пребарувањето се разочарувачки, да не кажам – ништо нема направено!
Партиципативноста по етнички клуч, не е секогаш гаранција за реализирање на потребите на заедницата. Пожелно е да има Ром во извршната власт на значајна позиција, особено ако именуваниот функционер вистински работи на проблемите што ја засегаат ромската заедница. Но, тоа не е и најважно! Ако не работи, што е важно дали е Ром? Таков е случајот и со Ибрахим Ибрахими, кој претходно беше заменик-министер во ресорот – правда, потоа во ресорот – труд и социјала, а во техничката влада беше и министер за труд и социјална политика. Но, тој не направи ништо, кога на стотици Роми незаконски им беше укината социјалната помош, затоа што добиле помош, преку брз трансфер на пари – „Вестерн Унион“ или „Маниграм“. Или, кога на десетици Роми им била укината социјалната помош, бидејќи собиирале старо железо, пластични шишиња или картони, за да се прехранат… Тој не даде дури ниту изјава кога стотина Роми останаа и без таа помош од околу 2.000 денари месечно!
Претходните ромски претставници, какви и да беа, сепак, може да се пофалат дека се изборија за министерско или заменик-министерско место, за директорски позиции… Актуелните ромски претставници во изминатиот период беа зафатени за расчистување на лични или партиски проблеми. И, додека на социјалните мрежи Ромите се „забавуваа“, да не кажам фаќаа сеир, за време на Фејсбук-препукувањата, рокот за преговарање за поставување на заменици-министри, веќе помина!
Убаво би било, во иднина, ако сакаат да остават впечаток на вистински ромски лидери, да ги остават настрана личните проблеми и да почнат да се занимаваат со проблемите на ромската заедница. Можеби е веќе доцна за преговори за заменик-министер, но не е доцна за преговори за други битни државни позиции.
Актуелната власт треба да размисли дали ѝ одговара да ги тргне настрана ромските активисти, ромските интелектуалци, ромските НВО-а, кои беа гласни во борба против режимот! И на дело да покаже дека изборните ветувања за „еднакви можности за сите“ ќе важат и за Ромите, и за другите помали етнички заедници… Ќе им се даде ли шанса на Ромите да се докажат дека и тие може да придонесат кон подобрување на животот на сите граѓан(к)и?
Ромите не се задоволни со кадровските „трошки“ (еден министер без ресор и еден пратеник) тие бараат „еднакво општество (можности) за сите“!