Иницијативата за утре најави поставување на шатори пред Собранието, во нов камп во паркот „Жена борец“, каде ќе ги повторат своите барања и ќе побараат пратениците итно да расправаат за проблемите на лицата со посебни потреби.
„Ја повикуваме македонската јавност, ги повикуваме родителите и лицата со посебни потреби, во наредниве три дена да ни се придружат на нашите работилници, на кои ќе ги разгледаме уште еднаш барањата, со цел да се дополнат, а исто така, ги повикуваме и претставниците од ресорните министерства да дојдат одблиску да ги запознаат родителите, да ги слушнат нивните барања и нивните проблеми“, истакна Сузана Стојановска од иницијативата „Пет до дванаесет“.
Кампот ќе биде поставен во вторник наутро и сè до четврток ќе биде исполнет со интересни, забавни, музички и едукативни содржини, а предвидени се и работилници и консултации во врска со законски акти кои се цел на Иницијативата
„Ги повикуваме сите да дојдат да нè поддржат. Ќе имаме подинамични активности од 18,00 до 22,00 часот, кога децата ќе можат да се дружат поинтензивно, затоа ги поканувам сите родители кои се послободни да дојдат да ни се придружат, бидејќи навистина имаме што да покажеме“, апелираат од иницијативата.
Ова е третпат, со поставување на шатори, родителите на децата и лицата со посебни потреби, да ги бараат законските измени за подобрување на нивната положба. По првото кампување во месец април, за пет дена собраа повеќе од 30.000 потписи за поддршка за измени во законите за подобрување на состојбата и олеснување на животот на лицата со посебни потреби.
Вториот камп беше поставен минатиот месец, кога предложија законски измени до Министерството за труд и социјална политика, што сега ќе ги достават и до новата Влада.
Едно од најважните барања за иницијаторите е во законите за здравствено осигурување и социјална заштита да се избрише старосната граница од 26 години, со која се дискриминирани повозрасните лица со посебни потреби.