Струга повторно обвиена во чад. Пожарникарите од синоќа не можат да се справат со пламените јазици на дивата депонија, ниту имаат целосен пристап до депонијата!
Револтот на стружани не стивнува, тие и денеска ќе продолжат со протести, бидејќи сè уште нема конкретни решенија за проблемот со струшката дива депонија.
Министерот за животна средина Садула Дураку, вчера ја посети депонијата и вети дека наскоро ќе згасне огнот кој го согорува отпадот, како и дека местото ќе се конзервира сè додека не се изнајде долгорочно решение.
„Одлучивме Mинистерството за животна средина да направи комисија со одлука на Владата. Работната група е тука присутна и ќе ја разгледа ситуацијата. Работната група се состои од претставници на министерствата за животна средина, за здравство, за транспорт, од Дирекцијата за заштита и спасување и од Центарот за управување со кризи“, изјави министерот Дураку.
Иако министрите без ресор и животна средина веднаш се одзваа на апелот од граѓаните и излегоа на терен, не изнесоа конкретни временски рокови за тоа кога стружани ќе почнат да дишат чист воздух.
Засега, Министерството ја препушта работата на експертски тимови кои следниве денови ќе ја испитуваат состојбата, а заклучоците ќе ги изнесат на седница на Владата, која потоа дополнително ќе одлучува како ќе постапува и ќе го решава проблемот.
Додека експертите ја испитуваат состојбата, граѓаните ќе продолжат со протестите, најавија блокади и на патните правци сè додека властите не им го вратат чистиот воздух.