Железничкиот сообраќај од ноќеска на полноќ е нормализиран, откако претставниците на машинскиот персонал на „Македонски железници – Транспорт“ постигнаа договор за поставените барања за зголемување на додатоците на плата и на коефициентите за сложеност на работни места.<!–more–>
„Штрајкот на машиновозачите засега е ставен во мирување. Се договоривме да ги разгледаме нивните барања и проблеми кои може да се надминат“, потврдија министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Сугарески и Анѓушев додадоа дека детално се анализира состојбата во „Македонски железници“ и дека очекуваат компанијата да работи профитабилно.
„Дел од барањата на машиновозачите се легитимни, ги разбравме нивните проблеми што ги имаат. Направивме длабоки разговори со нив, ги разбравме малку пошироко проблемите со кои се сретнуваат во своето работење во извршувањето на своите работни задачи. Мислам дека постигнавме солиден договор, не само сега, туку и во иднина, да имаме отворен разговор со сите синдикати, вклучително и со Синдикатот на машиновозачите, да ги решаваме и разбираме проблемите кои што ги имаат“, изјави вицепремиерот за економски прашања Анѓушев.