Откако повторно не е закажана итна седница на Советот на Општината за донесување одлука за референдум, активистите и денеска од 13 до 15 часот ќе блокираат две крстосници: Валандово – Пирава – Марвинци и Валандово – Дојран – Струмица.
„Спас за Валандово“ и вчера ја блокираа клучката Валандово – Пирава – Марвинци, но досега нема реакија на локалните власти. Најпрвин Советот на Општината гласаше воздржано (осум воздржани гласа, наспроти седум за распишување на референдум), за потоа, иницијативата за кусо време да ги собере потребните над 2.000 потписи и да ги достави до Советот. Но, претседателката на Советот и понатаму одбива да закаже седница. Иницијативата се залага против изградбата на рударскиот комплекс Казандол (нарекувајќи ги „рудници на смртта“) и бара во општина Валандово да нема тешка загадувачка индустрија.
Во неделата на 11 јуни беше одржан успешен референдум во Богданци, на кој граѓаните се изјаснија против изградбата на рудникот Казандол и на други рудници во оваа општина, а закажаниот референдум во Дојран, во недела на 18 јуни, нема да се одржи бидејќи градоначалникот одбива да ја потпише одлуката за референдум.