Вчера, на југот на Македонија му се случи уште еден успешен референдум за (не)отворање на рудници на тоа поднебје. По референдумот во Гевгелија кога гевгеличан(к)и со 98% гласови се изјаснија против отварањето на рудници во нивната општина, и Богданци речиси едногласно му кажа „не“ за рудникот „Казандол“, како и на прашањето за отворање на други рудници на таа територија.
Од вкупно 6.918 гласачи запишани на Избирачкиот список, на референдумот по двете прашања се изјасниле вкупно 4.321 гласач, или околу 62% од гласачкото тело. На првото прашање „Дали да продолжи изградбата на рудникот „Казандол“ 4.120 граѓан(к)и се изјасниле – „против“. На прашањето за отворање на други рудници на територијата на Општина Богданци, против се изјасниле 4.126 гласачи.
Мониторинг тимот на ЦИВИЛ – Центар за слобода кој целиот референдумски ден ги посетуваше гласачките места во Богданци и околните населени места, беше пријатно изненаден од атмосферата која владееше низ општината. Изненадени беа и дел од угостителите во Богданци. „Референдум ли ни требаше, да ја доживееме оваа раздвиженост на улиците?“, се прашуваше еден од нив.
Целиот град беше обележан со плакати кои ги информираа граѓан(к)ите за рудниците, за последниците од нивно отворање, како и за референдумот, за прашањата за него и за начинот на гласање.
Иако ЦИВИЛ ги нотира вообичаените и очекувани нерегуларности, сепак, крајната оценка за референдумот во Богданци е дека истиот помина без инциденти, на мирен и демократски начин.
Во мое име и во име на екипата на ЦИВИЛ која беше вчера во Бовгданци, им честитам на граѓанките и граѓаните на Богданци, кои пред сè, потрдија дека за нив здравјето е пред профитот, и покажаа демократска зрелост и свесност за потребата од грижа за животната околина и за она што како наследство ќе им го оставиме на следните генерации.
Примерот на Гевгелија и на Богданци, најавениот референдум во Дојран, како и упорноста на иницијативата „Спас за Валандово“ чии членови, исто така, бараат граѓанско изјаснување за контроверзниот план за рудниците во земјоделски регион каде се произведуваат органски производи, се најдобратата илустрација за новите определби на охрабрените граѓани во поглед на заштитата на животната средина