ЦИВИЛ – Центар за слобода го поздравува брзото расчистување на случајот во кој четворица полицајци грубо ги пречекорија своите овластувања во саботата, на 26 јули 2017. Тогаш, група активисти на партијата Левица и новинарот на ЦИВИЛ беа бесправно врзани со лисици, а врз дел од нив се употреби и сила, како што се гледа од видео-прилогот на новинарот на ЦИВИЛ.
Воедно, ЦИВИЛ ја потсетува јавноста дека нејзиниот активист и новинар Вулнет Махмути беше врзан со лисици и тоа подолго време од останатите, иако не беше дел од групата што протестираше, туку само вршеше новинарска должност.
Пред да биде врзан со лисици и грубо да биде туркан по тесните скалила во ГТЦ, тој успеа да сними краток видео материјал кој ЦИВИЛ го објави и кој послужи како доказен материјал за брзата постапка што ја спроведе МВР во текот на изминатите 48 часа.
По повод овој инцидент, претставници на ЦИВИЛ вчера го посетија Одделението за внатрешна контрола при МВР, по што следеше и соопштение и видео обраќање за јавноста.
МВР денеска соопшти дека по наредба на министерот Оливер Спасовски, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди изврши проверки за настанот во саботата при протестот по повод презентацијата на американска воена, медицинска и техничка oпрема во Скопје, соопшти денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
„Утврдено е дека од страна на четворица полициски службеници врз четири лица неосновано била употребена физичка сила, а над тројца од нив без основа е употребено средство за присилба – врзување со лисици. Против полициските службеници кои што ги пречекориле службените овластувања и постапиле спротивно на член 83 и 85 од Законот за полиција, ќе бидат преземени дисциплински мерки согласно Колективниот договор на МВР и ќе биде известено надлежното Јавно обвинителство во Скопје“, рече Ангеловски.