пишува: Маја Ивановска
Последната одлука на Владата за еднострано раскинување на договорот со концесионерот на Казандол, како и најавата за преиспитување на договорот со Еуромакс за рудникот Иловица, се еден мал но значаен исчекор во подобрувањето на состојбите со граѓанското учество во донесувањето одлуки, пред сè на локално, но и на национално ниво.
Борбата против рудниците низ земјата, се покажа како борба која е над сите политики, а организирањето на локалните референдуми, чиј краен исход е необврзувачки во донесувањето на конечната одлука, се покажа како многу силен аргумент и притисок врз оние кои го имаат конечниот збор.
Референдумите во Македонија, до скоро беа ретка појава за ова општество, пред сè затоа што граѓанките и граѓаните се навикнати на претставничката демократија која е доминантна како на локално, така и на национално ниво, состојба која произлегува од ставот дека таа е позначајна од непосредната демократија.
Последната година, по сите одржани референдуми, оваа слика полека но сигурно почнува да се менува во насока која пред се им одговара на најзасегнатите, на граѓанките и граѓаните на оваа земја.
„Ексклузивното“ право на власта да биде привилегирана, недопирлива и неказнива, да донесува одлуки исклучиво од личен интерес, да се присвои и приграби сето она што е заедничко, па дури и основните човекови права на воздух, вода и слободен простор, повеќе не е толку достапно.
Она што на Македонија и се случи изминатата година е всушност крикот на оштетените, ограбените и обесправените граѓани кои решија да стават точка на погрешните одлуки на оние коишто тие ги избрале за да ги претставуваат. Токму ваквиот однос на оние кои го имаа крајниот збор за отворањето на рудници низ земјата е акцијата која предизвика ненадејна лавина протести, барања и референдуми.
Кога станува збор за раскинувањето на договорите за концесија, повеќе од очигледно е „барањето на влакно во јајцето“ од страна на новата Влада, која во обид да излезе во пресрет на своите предизборни ветувања, ги користи сите расположливи средства за стопирање на изградбата на рудниците.
Додека за Владата концесионерот Сардич не ја исполнил обврската од членот 13 став 1 од Договорот за концесија, односно, во рок од две години од денот на доделување на концесијата не изградил постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50 проценти од експлоатираната руда, инвеститорот е категоричен дека не е исполнет ниту еден услов за раскинување на Договорот за концесија на Казандол.
Колку и дали нешто ќе не чини оваа одлука допрва ќе дознаеме. Единствено што е извесно е дека рудникот Казандол нема да продолжи со работа, а борбата за останатите концесии и натаму ќе продолжи.
Топло – ладно
На конечната одлука на Владата за раскинување на договорот претходеше и допис од министерот за Економија, кој повеќето од активистите го сфатија како еден вид притисок пред одржувањето на еден од поважните референдуми за рудникот Казандол, референдумот во Валандово. Но, истовремено овој допис претставуваше и своевидно опипување на пулсот на граѓаните за евентуалното нераскинување на истиот. Дописот беше испратен до Центарот за развој на југоисточниот плански регион, односно, до општините каде се одржани референдуми (Гевгелија, Богданци и Дојран), како и до општина Валандово каде допрва требаше да се одржи референдум на 20 август 2017.
Во дописот стоеше дека постапките за доделување на концесии за отворање на рудници се водени согласно законските одредби, а тоа подразбира дека пред доделувањето на концесиите се побарани мислења од сите релевантни институции, меѓу кои и од општините на чија територија се наоѓаат концесиите. Од општините се добиени позитивни мислења за доделување на концесиите за вршење на геолошките истражувања и за експолатација на минералните суровини.
„Во Законот за минерални суровини, како и во Законот за концесии и јавно приватно партнерство, нема основ за едностран раскин на договорот за концесија од страна на концедентот, односно Владата на РМ, поради реализиран референдум или пак, граѓанска иницијатива, против започнувањето со експлоатација на веќе доделени концесии за експлоатација на минерални суровини. Во насока на конечно решавање на ова прашање, Владата на РМ како концедент, заедно со Министерството за економија во соработка со сите засеганати страни, ќе треба најпрво да обезбеди стручни мислења и анализи, а потоа да се изнајде решение во рамките на законот“, стоеше во дописот од министерот Бектеши.
Министерството за економија направи анализа на законските одредби кои го регулираат ова прашање и оттаму потенцираа дека ова не е став на Министерството.
„Имајќи предвид дека согласно законските одредби, концедент е Владата на Република Македонија, а Министерството за економија е орган на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини, конечниот одговор и став по ова прашање мора да произлезе од Владата, поточно решение ќе мора да се изнајде помеѓу Владата, Министерството за економија и останатите засегнати страни“, се велеше во дописот.
Како започна сè?
Владата на ВМРО ДПМНЕ додели неверојатни 375 концесии за експлоатација на минерална руда на 43 домашни и странски фирми, од кои десетина за експлоатација на металички минерални суровини, кои претставуваат голема опасност за почвата, растителниот свет и животната средина. По ваквата постапка на претходната власт, граѓаните претежно од југоисточниот регион на земјата одлучија да ги земат работите во свои раце, да ја напуштат послушноста кон партиите и нивните лидери и непосредно преку референдуми да стапат на политичката сцена, јавно да го искажат својот став, решителност и моќ.
Во југоисточниот регион се одржаа вкупно шест референдуми, од кои три успешни и три неуспешни поради недоволната излезност на граѓаните.
Првиот референдум се одржа во Гевгелија на 23 април каде што излезноста на граѓаните беше 70% од кои 99% гласаа против отворање на рудниците во нивната или во соседната општина. Потоа следуваше референдумот во Богданци на 11 јуни 2017 каде излегоа 61% од граѓаните со право на глас од кои 98% гласаа против.
Третиот, воедно и последен во низата успешни референдуми беше референдумот во Дојран со излезност од 51% од регистрираните гласачи од кои 98% се изјаснија против изградба и отворање на рудници на територијата на општината и соседните општини. За разлика од претходните два референдуми, веројатно поради решителноста на граѓаните и граѓанските организации да се истраат во намерата, притисоците врз граѓаните во Дојран беа поочигледни.
Трите референдуми кои следуваа во Босилово, Валандово и Ново Село беа неуспешни поради недоволна излезност на граѓаните.
Притисоци и опструкции
ЦИВИЛ – Центар за слобода беше единствената организација акредитирана од Државната изборна комисија која ги набљудуваше референдумите во земјата, покрај набљудувачите – претставници на иницијаторите на референдумите.
Во текот на целиот мониторинг на подготвувањето и реализирањето на референдумите ЦИВИЛ на терен забележа поголем број на притисоци и опструкции. Од очигледните, како што беше непотпишувањето на одлуката на Советот за референдумско изјаснување од страна на тогашниот градоначалникот на општина Дојран, Борче Стаматов, до наоди за притисоци врз граѓаните да не излегуваат на референдумот.
„Локалните референдуми се исклучително важни за демократските процеси во едно општество. Тие директно влијаат врз квалитетот на работата на институциите и сведочат за учеството на граѓанките и граѓаните во процесите на донесување одлуки. Опструирањето на ваквите иницијативи е неприфатливо и антидемократско. Во целост ги поддржуваме иницијативите за локални референдуми и бараме од институциите час поскоро да им излезат во пресрет на нивните барања! Ние, како организација која ги набљудува изборните и политичките процеси во земјата, ќе останеме на терен и ќе ги набљудуваме состојбите“, изјави тогаш Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
Иако ЦИВИЛ регистрираше помали нерегуларности, повеќето од техничка природа на референдумите во Гевгелија и Богданци, наодите за притисоци и опструкции на референдумот во Дојран најавуваа се пожестока борба од власта и инвеститорите за наредните референдуми.
Јован Џалев, еден од иницијаторите на референдумот во Дојран и дел од иницијативата „Спас за Дојран“, кој за жал не успеа да го доживее успехот на граѓаните, пред камерите на ЦИВИЛ Медиа, зборуваше за текот на референдумот во Дојран, за неизвесноста од резултатите до самиот крај, за притисоците кои се вршеа во текот на референдумскиот ден – за да не се постигне потребниот цензус, како и за претстојниот референдум во Валандово.
„Референдумот беше навистина тежок. Би го оценил како референдум на политички игри! Пред сè, една политичка партија вршеше максимален притисок врз граѓаните и не им остави можност сами да одлучат дали да излезат да гласаат или не. Се вршеше огромен притисок за да нема доволна излезност и референдумот да биде прогласен за неуспешен. Затоа, цензусот беше навистина тенок“, изјави Џалев.
За референдумот во Валандово кој допрва требаше да се случи изјави дека „таму ќе биде крешендото на сè!“
„Гевгелија не беше толку, Богданци – не, денеска видовме како помина Дојран со притисоци, а во Валандово ќе биде страшно! Затоа, јас мислам дека таму треба проблемот на рудникот Казандол и на останатите рудници, да се дигне на малку повисоко ниво. Кога велам на повисоко, мислам на републичко ниво. Да се вклучат многу еколошки друштва, невладини организации, не само вие како ЦИВИЛ што денеска бевте присутни, туку многу повеќе, дури и Хелсиншкиот комитет да се вклучи. Јас мислам дека тогаш ќе немаме никаков проблем. Иако очекувам дека политиката и таму ќе го направи своето и ќе се вршат притисоци за да нема цензус“, рече Џалев. А неговите предвидувања се остварија со неуспешниот референдум во Валандово.
Набљудувачи што не знаат за кого набљудуваат!?
За разлика од референдумите во Гевгелија, Богданци и Дојран, каде ЦИВИЛ беше единствената невладина организација која ги набљудуваше овие процеси, на денешниот референдум во Босилово, како набљудувач се јави и невладината организација Центар за европска младина (ЦЕМ) од Радовиш.
За оваа невладина организација има многу малку информации во јавноста. Организацијата нема ниту веб страница, а последна содржина на фејсбук групата со името на оваа организација е видео со префикс ххх. По пребарувањето на интернет, единствената информација која се наоѓа е дека се членка на коалцијата „Излези да гласаш“, која ги набљудуваше изборите во 2014 година, а ја предводи контроверзната организација Синергија од Штип.
На сите 19 избирачки места во Општина Босилово, кои ги посетија мобилините мониторинг тимови на ЦИВИЛ беа забележани по двајца набљудувачи од оваа организација.
„Види, 1.000 денари дневница, кој ти дава?“, ни рече еден од набљудувачите, но не знаеше да ни каже со што се занимава организацијата која го ангажирала како набљудувач.
На друго избирачко место, кога ги прашавме двајцата набљудувачи од која организација се, мораа да ги земат своите овластувања за да ни прочитаат. ЦИВИЛ Медиа, стапи во контакт со претседателот на организацијата, Александар Кулушиќ, кој рече дека ова е прв пат организацијата да набљудува изборен процес.
„Организацијата постои 6-7 години, јас сум 6 години претседател, а до сега имаме организирано неколку хуманитарни настани околу божиќните празници, за социјално ранливи семејства“, изјави Кулушиќ за ЦИВИЛ Медиа. Според Кулушиќ, ЦЕМ на терен располагал со 40 набљудувачи.
Остана нејасно прашањето зошто токму оваа организација од Радовиш се јавува како набљудувач на референдум во општина Босилово.
Првиот чекор е направен, ќе следуваат ли нови?
Затворањето на Казандол е навистина успех кој пред се им се должи на граѓаните, но дали ќе биде изолиран случај или пак ќе продолжат раскинувањата на договорите, допрва ќе дознаваме. Ревидирањето на правните аспекти на договорот за концесија на рудникот Иловица засега е само најава.
Она што е очигледно, е дека дури и организациите кои активно учествуваа во досегашната борба се изненадени од својот успех, а граѓаните уште повеќе. Конечно, тие ја сфатија својата улога, како и правото да учествуваат во донесувањето на одлуки на локално и национално ниво. Југоистокот покажа и докажа дека граѓанскиот активизам сè уште е жив!