Граѓанките и граѓаните на општина Карпош најавуваат протест на 4 мај со почеток во 13 часот пред Уставен суд со цел итно решавање на предметите за спорните ДУП-ови.
„За истите ДУП-ови бараме стопирање на сите дејствија што произлегуваат од тие акти, односно запирање на сите градби што се во тек. Затоа е многу важно што поскоро да се донесат. Меѓутоа судиите некако решаваат да водат предмети што не се толку важни, според нас, поднесени по нашите претставки и затоа мораме да бидеме многу гласни“, изјави Невена Георгиевска, подносител на неколку претставки за оспорување на ДУП-овите за Карпош 4 до Уставниот суд.
„Нам граѓаните ни е оставено дека ништо не можеме да направиме и дека сме немоќни пред градежната мафија и пред правниот лавиринт. Пред изборите ветија дека сѐ ќе биде стопирано, дека во моментот рацете им се врзани со законите. Ние несе помиривме со тоа и сами ги најдовме пропустите во законот и сами како граѓани и преку иницијативи поднесовме претставки“, додаде Георгиевска.
„Во случај судот да одлучи под некои ненормални услови, тоа би значело целосно бетонирање на просторот во оној дел од каде Карпош 4 и Карпош 3 добива воздух, а знаеме загадувањето, особено во грејните месеци колку е големо… тој дел ќе биде тотално блокиран. Не е само во прашање на загадување на воздухот туку и со недостаток на вода и поплави во одредени периоди во годината бидејќи се гради покрај Вардар. Тука не случајно е оставен. според урбанистичко планирање, просторот покрај Вардар да не се гради… Да не зборуваме колку жители дополнително ќе се населат во тој простор… зборуваме за ресурсите, но и за хумано живеење во општината“, изјави Татјана Чулев, еден од подносителите во име на граѓанските иницијативи пред Уставен суд за четири ДУП-а на цела територија на општина Карпош.
Соговорничките ги повикаа граѓанките и граѓаните да излезат масовно на протестот и да покажат дека нема да се откажат од своето право на живот во здрава и хумана средина.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов