Меѓународниот форум за родова рамноправност со над 700 учеснички и учесници од преку 100 земји во светот денеска започна во Стокхолм, Шведска.
Конференцијата ја отвори министерката за надворешни работи Маргот Волстром која ја истакна феминистичката стратегија на надворешната политика на шведската влада, која беше промовирана пред три години. Стратегијата се заснова на основните права на човекот, според кои, жената е еднаква на мажот.
Конференцијата продолжи со првиот панел составен од четири министерки во, инаку, феминистичката влада на Шведска. На министерката Волстром ѝ се придружија министерката за меѓународен развој и клима, Изабела Левин, министерката за ЕУ и трговија, Ан Линде и генералната директорка на Шведскиот Институт (организација – домаќин на овој светски форум), Аника Рембе.
„Не може да има мир кога половина од населението не седи на масата каде се носат одлуки“, изјави шведската министерка за надворешни работи, Волстром.
„Жените од својата заработка во трговијата, прават многу повеќе корисни работи за општеството, додека мажите ги трошат парите за себе“, изјави министерката Линде.
„Голема победа беше и промената на првиот член од Универзалната декларација за човекови права од “All man are born equal…” во “All human beings…“, рече Вероника Бирга од Обединетите нации.
Меѓу учесниците на овој форум се и Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ-Центар за слобода. Најавено е и учество на Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика на Македонија.
Меѓународниот форум за родова рамноправност ги собра на едно место претставниците на граѓанското општество, владите, приватниот сектор и академијата од целиот свет за да се интензивираат напорите за родово рамноправен свет.
Б.Ј.
Фото: Џ. Дерала
This post is also available in: Albanian