Загрижен граѓанин за квалитетот на воздухот во Македонија упати писмо, илустрирано со фотографии, за еден од причинителите за аерозагадувањето, односно палење на отворено и продукција на чад и прашина.
Во своето писмо до надлежните институции и преставниците на организациите што можат да преземат нешто за оваа прашање , вели дека никаде во светот не се врши палење на отворено и дека тоа е регулирано со закон.
„Ви го испраќам ова писмо со цел поттикнување и насочување на фокусот кон една појава за која многу малку се зборува во Македонија а тоа е “палењето на отворено и продукцијата на чад и прашина. Последните 10 години преку чести патувања низ македонските приградски населби и села ја забележувам и документирам со фотографии појавата на палење смет, земјоделски отпад и продукцијата на чад.
Оваа појава е присутна речиси насекаде низ државата и скоро да нема град или подрачје каде не се случува оваа заостаната, примитивна пракса на луѓето поединци и земјодлеци, кои чистејќи ги нивите и своите дворови од гранки и смет, вршат палење при што директно и индиректно влијаат на квалитетот на воздухот во градовите. Вакви палења се најчести и најпристуни во западна Македонија како и во околината на Скопје каде секојдневно преку целата година “некој некаде пали”, а чадот може да се забележи и на поголема далечина.
Сметам дека крајно време е под итно да се почне со акција која ќе вклучува алармирање и опомена преку реклами, рекламни спотови, делење на флаери, излегување на терен со цел земјоделците и обичните граѓани да се запознаат со оваа појава и да им се укаже дека согласно законот во Македонија оваа активност е казнива и штетна за граѓаните и околината.
Исто така, сметам дека е потребно да се направи итен состанок со останатите министерства како и МВР со цел да им се даде овластување и наредба да реагираат секаде каде што ќе забележат чад и палење. Дополнително да се определат места каде што овој органски земјоделски смет може привремено да се складира, истиот да се преработи во пилевина или едностано да се остави да се саморазгради како органски отпад.
Во однос на продукцијата на прашина, крајно време е на сите рудници кои се бават со површински ископ и сепарација на песок, да им се наложи веднаш да вложат средства за поставување на прскалки со вода со цел намалување на прашината која се разнесува до блиските села и градови.
Исто така задолжително мора да се смени начинот на зимското одржување на патиштата. Имено, фрлањето на песок е веќе застарена метода и истата предизвикува појава на прашина по топење на снегот. Во соседните држави веќе се пристапува кон аплицирање на варова вода или само сол, со цел намалување на појавата на прашина.
Никаде во нормални земји не се врши палење на отворено и секаде овие работи се уредени, поради тоа никаде не се шири смрдеа, прашина или чад“, стои во неговото обраќање.
Б.Ј.
This post is also available in: Albanian