Со проектот „Акција – Интеграција“, ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе придонесе кон јакнење на јавната свест за граѓанското учество, демократските реформи, зелените иницијативи и разбирањето на европските вредности и интеграциските процеси во Европската Унија. Проектот се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел и ќе трае до крајот на октомври годинава.
Во своето соопштение, ЦИВИЛите ја известуваат јавноста дека во тек е истражувачката фаза на имплементацијата на проектот. Една од активностите на богатата проектна програма на организацијата е одржување фокус групи. Досега се одржаа фокус групи во Скопје, Велес и Гостивар. На 26 април (четврток) ќе се одржи последната фокус група во Штип.
ЦИВИЛ ги поканува заинтересираните за учество во штипската фокус група да испратат кратка биографија (максимум 1 страница!) најдоцна до среда (25 април), 12 часот на [email protected] со назнака „учество во фокус група“. Резултатите од селекцијата и локацијата за одржување на фокус групата ќе им бидат соопштени на сите кандидати во вторник, до 17:30 часот. Кандидатите кои нема да добијат повик или порака до тој термин, се смета дека се одбиени за тој настан, но ќе бидат земени предвид во наредните активности на организацијата.
Фокус групите имаат цел да ги идентификуваат потребите и предизвиците на граѓанките и граѓаните во областите со кои се занимава проектот. Во двочасовните фокус групи ќе бидат поканети претставници на граѓанското општество, медиумите, локалните власти, политичките партии и лидерите во заедниците. Нивното учество ќе биде наградено со скромни хонорари во висина од 600 денари.