Повеќе граѓански иницијативи остануваат на ставот против изградба на гасовод низ пар-шувата Водно откако ја разгледале документацијата за спроведување на гасоводот, реалната слика на терен и по разговорите со претставници од МЕР, Министерството за транспорт и врски, ПРОСТОР ДОО Куманово (физибилити студија, идеен проект и надзор), ЧАКАР ПАРТНЕРС ДОО Скопје (основен проект), РАПИД БИЛД ДОО Куманово (изведувачи), советниците на Претседателот на Владата на РМ и на Град Скопје.
Една од причините што ја наведуват е дека паркот-шума Водно е заштитано подрачје и дом на загрозени, ретки и ендемични видови. Со оглед дека трасата на гасоводот, 11 км по Водно, би поминала низ повеќе од 4 километри високостеблеста шума и дел низ т.н. нискостеблеста шума, би се уништиле живеалиштата на зачајни видови, од кои еден е ендемичен скакулец кој живее само на Водно (Poecilimon vodnensis), потоа растението (Fritillaria gussichiae) кое има меѓународен статус на заштита и се наоѓа на разни листи, од Светската црвена листа на видови кои исчезнуваат, Европски загрозените видови, Бернската конвенција, Хабитат директивата, како и на неколку ретки и значајни видови на печурки. Дел од трасата поминува низ строго заштитена зона, според ревалоризацијата на парк-шумата Водно, која носи повисок степен на заштита.
Исто така, граѓанските иницијатви укажуваат дека постои алтернативна траса кој би поминувала од северната страна на Скопје. Воедно наведуваат недоследност во документацијата, односно дека од сите 53 документи наведени во Одобрението за градење, ниту еден не е документ со кој е одобрена градба во заштитено подрачје.