Денеска градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, присуствуваше на работилницата „Каква Македонија сакам?” организирана од страна на ЦИВИЛ во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија, соопштија од кабинетот на градоначалникот.
Во работниот дел од настанот се отвори дискусија за можностите за граѓанско учество во демократските реформи на локални и национално ниво, а особено внимание беше посветено на зелените иницијативи и стратегии, како и на прашањата поврзани со промоцијата и практикувањето на европските вредности и зелените алтернативи, во пресрет на процесите за интеграција на Македонија во ЕУ.
„Дебатата и вклучувањето во дебати е многу важно за нас, за Општина Штип, за граѓаните, бидејќи сите заедно се заложивме дека сакаме да ги интегрираме граѓаните, да ги вклучиме во носењето на одлуките и да ги запознаваме што е можно повеќе за тоа што го правиме како нивни избрани претставници. Токму затоа сакам да ги запознаам сите учесници за тоа како Општина Штип прави промени во начинот на функционирање и на работење со тоа што правиме и учествуваме во различни дебати и дискусии. До овој момент во мојот кабинет имам остварено преку 1400 средби со граѓани во изминативе шест месеци. Бараме начини како подобро да го слушнеме гласот на граѓаните. Така што оваа дебата е исто така убава можност за да ги слушнеме мислењата и на претставниците од граѓанскиот сектор, и од политичките партии, доколку присуствуваат, и на сите коишто покажуваат интерес на ваков начин да комуницираме и споделуваме мислења,” истакна градоначалникот Бочварски.
„Би сакал голема благодарност да упатам до градоначалникот на Општина Штип за неговото присуство денеска. Оваа работилница, како и проектот Акција – Интеграција е со цел да ги истражиме можностите и барањата и потребите на Општините како што е Штип. Штип е првиот град во кој доаѓаме, бидејќи е важен за нас како за граѓанско општество, бидејќи е еден од најслободарските региони во Република Македонија и е отворена Општина, Општина отворена за граѓанското учество, Општина отворена за демократски реформи во вистинска смисла на зборот, како и за промоција на европските вредности. Европските вредности се важни за Македонија на нашиот пат кон Европа и е нешто што ние сакаме да видиме како се реализира на терен. Мислам дека во Штип има одлично тло за реализација на овие проекти, бидејќи градоначалникот и неговиот кабинет се отворени за соработка,” посочи Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
За време на дебатата, градоначалникот Бочварски зборуваше за досегашните проекти и остварени ветувања, како што се гасификацијата на општина Штип, намалување на цената на водата за пиење, проектирање и изградба на нова детска градинка, допроектирање брана на река Отиња, инфраструктурните потфати на територија на општина Штип, обезбедување водоводна линија и конечно донесување чиста вода за пиење за жителите на населбите Балканска, Македонка и Чардаклија, чистење атмосферски канали, обезбедување бесплатен престој на деца на самохрани родители во детските градинки, акцијата „Пролетно чистење и уредување на градот”, промовирање мерка – мал групен дом, укината наплата на паркинг, иницијатива за формирање Солидарен Фонд, дебата за сообраќајни решенија, дебати за составување Буџет на Општина Штип за 2018 година и подготовка за прифатилиште за бездомни животни.
This post is also available in: English