Mеѓународниот ден за борба против хомофобијата, трансфобија и бифобија, 17 мај, за прв пат се одбележува во 2004 година со цел да се привлече вниманието на креаторите на политики и јавно мислење, општествените движења, јавноста и медиумите за насилството и дискриминацијата со која се соочуваат ЛГБТИ луѓето на меѓународно ниво.
Изборот на датумот не е случаен, туку е избран за да ја одбележи одлуката на Светската здравствена организација од 1990 година кога хомосекуалноста е декласифицирана како ментално растројство.
Оттогаш помина повеќе од една деценија, а 17 мај остана единствениот најважен датум за мобилизација на ЛГБТИ заедниците на светско ниво.
Водејќи се од принципот на еднаквост и недискриминација како основен елемент во заштитата на човековите права, загарантиран со Европската конвенција за човекови права (член 14) и засилен со Протокол бр. 12 кон Конвенцијата, кој на општ начин предвидува дека никој не смее да биде дискриминиран по било која основа, борбата против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата мора да прерасне во секојдневна борба во светски рамки.
Хомофобичните дела, систематското кршење на основните права на припадниците на ЛГБТИ заедницата се секојдневни, а многу често овие појави се поддржани од самите власти чија должност е да ги заштита своите граѓани од каква било дискриминација.
Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата не смее да претставува само една централизирана кампања, туку да се искористи моментот за преземање на акција.
Во Македонија, за жал, и покрај минималниот напредок за правата на ЛГБТИ лицата, се уште се соочуваме со сериозни предизвици.
ЦИВИЛ останува на ставот дека првиот чекор во одбрана и заштита на правата на ЛГБТИ лицата е подобрување на нивниот општествено политички статус. Конечно, мора да се работи на казнивоста на прекршителите на правата на овие лица. Државата и институциите не смеат да бидат поттикнувачи на ваквите дејства. Напротив, нивна должност е да помогнат во примената на Законот за заштита од дискриминација и говор на омраза, со негување на различностите, а не на култот на чиста и еднострана нација.
На крај, институциите се должни да негуваат култура на прифаќање и да се борат против стереотипите.
ЦИВИЛ како организација секогша ќе стои во одбрана на фундаменталните човекови права и слободи, а тоа подразбира и правото на сексуална ориентирација, правото на слободата на изразување и правото на праведен и слободен свет.
Наместо страв, омраза, дискриминација, ЦИВИЛ повикува на хуманост, солидарност и прифаќање дека сите поединици, независно од нивната родова, верска, етничка, сексуална и друга припадност имаат право на достоинствен живот, а сите ние како заедница имаме должност да ги штитиме инивните права и слободи.
This post is also available in: Albanian