Синдикатот на „Југохром“ на денешната прес-конференција изјави дека обвинувањата на здружението „Еко герила“ се неточни и неаргументирани и го кочи прашањето комбинатот да почне да работи.
Тие упатија прашање до Еко-герила зошто не ја прифатиле нивната иницијатива да се ангажира акредитирана лабораторија која ќе изврши мерење на воздухот во Тетово.
„Југохром“ не работи две години поради неисталирање на филтри за прочистување на воздухот. Од Владата се категорични дека сѐ додека не се постават филтрите, „Југохром“ не може да почне со работа, а на филтер станицата се работи интензивно и се очекува во најскоро време целосно да заврши овој процес.
Еко-герила излезе со соопштение во кое се вели дека не е точно дека сметаат дека се над институциите, туку бараат само да се почитуваат Уставот и законските прописи.
Како што изјави Арианит Џафери од Еко-герила за ЦИВИЛ Медиа, било какви податоци со кои излегуваат во јавноста се официјални мерења од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Југохром се плаши од независен мониторинг. Ако сѐ е во ред и нема што да кријат зошто не сакаат независен мониторинг. Ставањето филтри подразбира и поголема потрошувачка на струја. Дали тоа е причината за нивното одолговлекување? “, вели Арианит Џафери.
„Бројот на деца со респираторни болести за период пред и после затварањето на Југохром се превземани од Институтот за јавно здравје на РМ. Во 2015 година, кога работел Југохром, овој број изнесувал 31.446 случаеви, додека во 2017 година кога не работел овој број се намалил на 18.578 случаеви. Ние не им веруваме на ветувањата на Југохром и на Владата, бидејќи со години сме изигрувани.
Сакаме да го информираме Југохром и вицепремиерот Анѓушев дека Македонија ја има потпишано и има обврска да ја применува Конвенцијата на Архус за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правдата за прашањата поврзани со животната средина“, стои во соопштението на Еко-герила.
На почетокот на месецот Еко-герила од различни поединци добиваше закани и уцени, со цел да замолчат и да не се занимаваат со работата на Југорхром.
Овој случај, Еко-герила го пријавиле во СВР Тетово, без очекување дека оној што анонимно им се заканувал ќе биде пронајден.
„Правда не очекуваме, но, сепак сакаме да им пренесеме и да им дадеме до знаење дека ние нема да се предадеме, не се работи за наша лична безбедност, се работи за безбедност на граѓаните на Тетово, без разлика дали се Албанци, Македонци, Турци, Роми или други малцинства, дали се муслимани или христијани или атеисти. Загадувањето не дискриминира по никоја основа, па ни политичарите не се изоставени. И нивните семејства го дишат истиот воздух“ изјави Џафери за ЦИВИЛ Медиа за тогашните закани.
Биљана Јордановска
This post is also available in: English