Првото истражување на отпадот на подрачјето на Јадранот потврди дека човекот со својата негрижа и незнаење го затрупува морето и неговото крајбрежје со големо количество отпад и не размислува дека со конзумирање на риби, по пат на ланецот на исхрана, тој отпад може да се најде на неговата чинија.
Милионите туристи на копно и се повеќето мега крузери, јахти и други пловни објекти се закана за животот во Јадранското Море, бидејќи тие го загадуваат крајбрежјето и морското дно.
Затоа, Владо Клезиќ е активен во акциите за чистење на друштвото „Порат Будва Пизана“.
– Во чистењето на морето од отпад најчесто наидуваме на шишиња, кеси, пластичен отпад, ПВЦ и лименки. Тоа често несовесните туристи го фрлаат во морето, но, секако, има и такви локални жители, кои не знаат колку навистина тоа штети, бидејќи сето ѓубре што се фрла во море, се враќа назад на плажа со првото југо, вели Клезиќ.
Дека крајбрежјето на Јадранот е загрозено од отпад, потврдуваат и истражувањата дека на подрачјето на Јадранското и Јонското Море, најизложени на отпад се плажите во Хрватска, Словенија и Црна Гора.
– Но, ние не му штетиме само на морето со фрлање на секаков вид на ѓубре, вели Драган од Будва, кој поголемиот дел од своето лето го помина во својот мал брод. – Овде на брегот се гледа дека влијаат и хемиските средства од блиските угостителски објекти и разните пловни објекти. На Пизана во Будва некогаш имаше школки, но ги уништи хемијата, додава тој.
Со прекуграничниот проект „Дефишгер“, научници од земјите кои излегуваат на Јадранското и Јонското Море – Словенија, Италија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Грција, спроведоа едногодишно истражување кое ги даде првите проценки за количеството отпад на плажите и во морето. Резултатите се катастрофални: морското дно на Јадранското и Јонското море е два до петпати позагадено од отпад од некои други светски мориња.
– Пластиката доминира, како и насекаде. Кај нас во заливот Бока Которска постои големо количество цврст отпад, кој ќе биде таму уште долго време благодарение на негрижата на луѓе. Тоа е резултат на небрежноста за складирање и третирање на цврстиот отпад на брегот, вели Весна Мачиќ од Институтот за морска биологија во Котор.
На локациите по должината на јадранското и јонското крајбрежје направена е анализа на присуството на микропластика во рибите. Од испитувани единаесет видови риби, во седум се пронајдени траги од отпад, а слични резултати беа потврдени и со други истражувања.
– Се уште не е на некое алармантно ниво, но ако имате на врвот на ланецот на исхрана ајкула или делфин кои јадат многу од тие мали риби, кои преку исхраната со години во себе собирале отровни материи преку отпад, доаѓа до биомагнификација на тие отровни материи (биомагнификација е процес со кој со текот на времето се зголемува концентрација на хемикалии во ткивото). Се соочуваме со многу проблеми поради лошиот третман на отпадот и јасно е дека мораме нешто да работиме по тоа прашање и тоа многу побрзо отколку досега, вели Мачиќ.
А треба да се работи и на макро и на микро ниво – од едукација и рециклирање, до акции и средување на цврстиот отпад на правилен начин. Но и со казни.
– Без големи казни, не ни доаѓа паметот. Иако за морето е тешко да се утврди кој е загадувач, на копно тоа би можело лесно. Кога би се санкционирале тие кои ја загадуваат животната средина, тоа би дало ефекти, додава Мачиќ.
Според податоците на американската Национална агенција за океани и атмосфера (НОАА), процесот на разградување на отпадот во море трае и стотици години. Додека за распаѓање на отпушок од цигара во морето се потребни околу пет години, за конзерва околу 200 години, за пластично шише требаат околу 450 години.
Рибарите и нуркачите, како што е Драган, повеќе полагаат надеж во морето и неговата моќ за регенерација, отколку во луѓето.
– На пример, школката паластра во еден период целосно исчезна од оваа област. Сега повторно ја има. Некои морски видови ќе ги нападне некоја болест, па потоа исчезнуваат, но повторно се враќаат. Значи, морето се регенерира. Но, не знаеме до кога, вели Драган. (МИА)