Фондацијата „Хајнрих Бел“ – Сараево излезе со новиот број на магазинот „Перспективи – наративите на Балканот“. Вo овој број авторите ги анализираат отворените конфликти во постјугословенските војни, како база на етнонационалистичките идеологии, но и во поствоените години, со ширењето на наративите, кои апстрактната и празна идеологија на етничката припадност ја прават многу конкретна.
Автори на прилозите во овој број се Нермина Мујариќ, професор на Факултетот за политички науки во Сараево, Срѓан Пухало, социјален психолог од Бањалука, Срѓан Милошевиќ, историчар и истражувач од Белград, како и Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – Центар за Слобода од Македонија, кои, секој од сопствен агол фокусот го насочуваат кон национализмот како „убиец“.
Освртот на Дерала, „Страв и омраза – два краја на ист меч“, во контекст на менување на наративите како можност за менување на историјата, јасно ги отцртува моменталните случувања со случаите што се водат против Груевски, Јанкуловска и останатите личности од минатиот режим, вклучително и улогата на СЈО во конципирање на правдата и на правниот систем, проткаен со личните, искусени наративи низ годините од осамостојувањето на Македонија и низ нејзината улога на Балканот во „туѓите“ и во „сопствената“ војна.
Низ отсликувањето на моќта на национализмот, како оружје на политичките волји и претензии кон супериорност во однос на „другите“, кои и да се, авторите го презентираат балканскиот наратививен дискурс како змија што постојано ја лови сопствената опашка.
Кругот на омраза и борбата за мир и слобода – во постојаната трка за превласт.
Б. Ј.