Граѓанските здруженија „Здрава Котлина“ од Струмица и „Еко долина“ од Ново Село јавно побараа од Владата и Собранието на Република Макеоднија конечно решение за „рудникот на смртта“ Иловица.
Во продолжение целосното обраќање на граѓанските здруженија:
„Ви се обраќаме како на две најважни институции, законодавна и извршна власт, кои ја носат најголемата одговорност за состојбата во државата. Нагласуваме дека не нѐ занимаат партиско-политички соодноси внатре во Собранието и во Владата, што е во духот и со нашата надполитичка и надпартиска определба. Се обраќаме на државни функционери , во клучни државни институции на системот, избрани, именувани и под заклетва да ја остваруваат својата основна и суштинска функција: да работат за добробит и во заштита на сите граѓани на Републиката, без оглед на политичка, верска, национална или каква било друга припадност.
Тргнувајќи од фактот дека вие кои ги раководите и учествувате во работата на овие две врвни институции (како и целокупната македонска јавност) сте доволно информирани за огромната егзистенцијална закана од рудникот Иловица-Штука за регионот, како и од неверојатниот број доделени рударски концесии само во Источна Македонија, овде нема да повторуваме факти за опасностите (тоа интензивно го правиме повеќе од година и половина), туку само ќе наброиме некои други аргументи во прилог на нашето Барање.
1. Премиерот сѐ уште не го исполни предизборното ветување дека рудници нема да има.
2. Премиерот не го исполни ни рокот што сам го даде (крајот на мај) за решавање на проблемот со рудникот/рудниците.
3. Владата и Собранието не ја почитуваат јасно изразената волја на граѓаните на референдумите одржани во септември 2017 во општините Босилово и Ново Село каде излезноста беше 32.56% и 39.51% соодветно и каде во двата случаи над 98% од граѓаните што гласаа беа против.
4. Владата и Собранието не ја почитуваат јасно изразената волја на граѓаните на Струмица и струмичко на големиот Протестен марш одржан на 16 јуни 2018, под мотото „Да го спопреме пред да не сотре!“
5. Владејачката коалиција, заедно со опозицијата, во август оневозможија изгласување на предложените измени во Законот за металични и минерални суровини, кој веќе 11 месеци чека да биде усвоен од Собранието.
6. Концесионерот на рудникот Иловица-Штука ЕуромаксРисорсис веќе две години функционира надвор од законите, а нивните студии се полни со недоследности. Самиот Премиер истакна дека постојат најмалку три-четири правни основи за одземање на концесијата. Оваа компанија се однесува како никој ништо да не ѝ може: шири опасни дезинформации за наводната безопасност на рудникот, спроведува незаконски кампањи, агресивно злоупотребува хуманитарни и спортски настани и организации, злоупотребува деца, поткупува итн. Оваа компанија е извор на корупција по сите основи.
7. Непостапувањето по Член 53, 54, 55 и 56 од Законот за минерални суровини е само една од основите за кривична одговорност за сите оние кои дозволиле предвиден рок од 30 дена да се развлече на 2 години и никој да не одговара. Поединци од претходната и сегашната власт криминално го штитат концесионерот и притоа се прекршуваат сите меѓусебни договори, законите и Уставот на РМ. Ова не е владеење на правото, туку пример за коруптивна зделка која ги става под сомнеж сите кои не сакаат да ја решат во полза на граѓаните.
8. Наводните измени на технологијата за експлоатација воопшто не се во согласност со законите на Република Македонија и како такви се целосно надвор од утврдена процедура која треба да биде иста за сите. Подлогите за технички податоци се во целосна спротивност со веќе утврдени параметри од домашни и меѓународни институции. Ваквите криминални дејности се потенцијална општа опасност и можат да предизвикаат масовна катастрофа.
9. Локалните самоуправи на општините Босилово, Ново Село и Струмица во случајот со рудникот на смртта не ја остваруваат својата основна функција да се стават во заштита на граѓаните и да преземат активности во таа насока.
10. На националниот референдум одржан на 30 септември 2018, директно засегнатите општини Ново Село и Босилово имаа рекордно ниска излезност, најмногу поради неисполнувањето на ветувањето за сопирање на рудникот.
Сето ова укажува дека Владата и Собранието во овој случај не ја остваруваат својата основна функција да работат за добробит и во заштита на своите граѓани. Ние сме свесни дека проблемот со рудниците е наследен од претходната власт, за што силно сме ја критикувале, но новата власт презеде обврска пред граѓаните дека ќе го реши проблемот. Проблемот сѐ уште не е решен.
Поради сето ова, мислиме дека не постои доволно волја и храброст тој да се реши. Во меѓувреме, цело струмичко и Југоистокот се чувствуваат егзистенцијално загрозени од потенцијалниот рудник, кој доколку биде отворен од благородната Струмичка Котлина ќе направи економски, национално и културолошки деградирана и иселена пустелија. Граѓаните се премногу долго вознемирени од овие можности.
Затоа, Ве информираме дека за нас последен рок во кој треба да го решите проблемот со рудникот на смртта е 16.10.2018 година (вторник), кога треба да има редовна седница на Владата. Силно препорачуваме Владата да ѝ ја одземе концесијата на компанијата Еуромакс Рисорсис, а Собранието да ги усвои измените на Законот металични и минерални суровини.
Повеќе не прифаќаме никакви одложувања или оправдувања. Не прифаќаат ниту граѓаните, кои од нас бараат акции за сопирање на рудникот.
Доколку не се усвои нашето Барање, зад кое, уверени сме, стои огромното мнозинство граѓани во државата, ќе сметаме дека Владата и Собранието не сакаат да го решат проблемот. Тоа би значело дека државата не сака или не може да ги заштити своите граѓаните од потенцијално загрозување на имотот и животите. Изјавуваме дека во тој случај ќе го повикаме народот сам да се заштити и сам да го реши проблемот. Имаме и кредибилитет и морално, уставно, законско, цивилизациско, егзистенцијално и секакво друго право на тоа, вклучително и LexNaturalis.
За тоа каков на кој начин и кога ќе го направиме тоа, граѓаните ќе бидат известени по истекот на овој рок“, се вели во писмото.