Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ на конференцијата #АкцијаИнтеграција зборуваше за едногодишната работа како прв човек на Центар, за урбанистичкото планирање, зелените алтернативи и за нужноста од подобра соработка меѓу локалната и централната власт…
„За првпат, ние воведовме мораториум за градби, што значи отпочнување на нови постапки. За жал, имавме веќе започнати постапки од претходно, кои веќе се стигнати до одредени фази и сè што ќе направите потоа може да предизвика правни последици за општината. Ние веќе имавме веќе такви аманети од претходните градоначалници, а тоа скапо ја чинеше општината, зборам за финансискиот дел. Тоа доведува до кратење на другите работи нормално да функционираат“, додава Богдановиќ.
Тој истакна дека во минатото преку ноќ се менуваа ДУП-овите и зелените површини кои потоа стануваа цврста градба.
„Додека имаше комунизам имаше и урбанизам. Еве да ја земеме за пример населбата ‘Пролет’, ќе видете дека таму има мали згради, школо, градинка, каде што задолжително има парк, дрвја, паркинг“, рече Богдановиќ.
Тој е дециден дека кога станува збор за локалната самоуправа ние имаме добри закони, меѓутоа треба да се допрецизираат и да почнат да се применуваат во пракса. Но и дека сите работи мора да се решаваат систематски, од локално ниво, до нивните најмали клетки – месните заедници, па се до граѓанските здруженија и иницијативи, но и дека истото треба да се испрактикува и на многу повисоко ниво.
„Многу е тешко кога се трудите да воведете некои вредности, кои сега ги зборуваме, а претходно биле уништени“ истакна Богдановиќ.
Конференцијата #АкцијаИнтеграција за европски вредности, зелени алтернативи и антинационализам ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија.
Дехран Муратов
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети