Како реакција на вчерашното соопштение на „Здрава котлина“ во врска со рудникот Иловица, Еуромакс Ресоурсис, повикана како одговорна, преку соопштение се изјасни дека како компанија ги почитуваат и применуваат највисоките ЕУ стандарди и мерки за заштита на животната средина. Но, исто така реагираа за злоупотребата на политичките случувања од некои, како што велат, еколошки здруженија, на штета на нивниот проект.
Во продолжение целосното соопштение на Еуромакс Ресоурсис:
„Но, мораме да реагираме кога во име на активности за заштита на човековата средина, одредени еколошки здруженија и активисти ги злоупотребуваат политичките случувања во државата со цел да наштетат на нашиот проект, во чиј дизајн и развој се внимава на највисоките меѓународни и домашни стандарди за заштита на животната средина.
Како македонска компанија, која е поддржана од меѓународни акционери, ја почитуваме секоја домашна иницијатива и активност, кои без манипулација и извртување на фактите, е во функција на заштита и унапредување на човековата средина и здравје. Посветени сме на унапредување на животната средина преку развој на модерен рудник на можности, односно, рудник кој ќе го унапреди животниот стандард како на локалното население, така и на државата. Со поддршката на домашни и странски експерти во секоја фаза од планирање и развојот на проектот се водиме според највисоките домашни и меѓународни норми и стандарди за развој на модерен рудник што ќе користи најсовремени методи на рударство, кои можат да коегзистираат со земјоделство. Во структурата на нашите инвеститори има големи меѓународни институции, како што е Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) кои нѐ обврзуваат севкупното наше работење, како и на сите наши соработници при изведбата на рудникот и потоа, да ги усогласиме со највисоките ЕУ стандарди.
Користењето на резултатите за излезност на населението на референдумот за да го оцрните нашиот проект е нечесно и е во спротивност со сигналите кои ние ги добиваме од локалното население.
Како инвеститори веруваме дека Македонија има голем потенцијал за економски развој преку користење на најдобрите светски практики и модерни технологии за ископување на рудното богатство, и не сакаме да навлегуваме во истражување за причините поради кои граѓаните решиле да се откажат од сопственото право да излезат на референдумот.
Жителите на Иловица и Штука, како и градоначалникот на Босилово десеттина дена пред одржување на референдумот изјавија дека развојот на проектот Иловица – Штука нема да влијае врз резултатите за излезноста на референдумот.
Веруваме дека ниту една организација или институција нема потврда дека нивната постапка на референдумот е поврзана со нашиот проект. Особено што во нашата комуникација со граѓаните од општините Босилово и Ново Село, добиваме поддршка од населението за побрза реализација на проектот што треба да им донесе нови извори за егзистенција“, се вели во соопштението.
Ц. М.