Социјална благосостојба, родова еднаквост, искоренување на сиромаштијата и еднакви права за сите, изгледаат како далечни и недостижни сништа во Македонија, иако се претставува како социјална држава. Во каква социјална држава живееме – одговорот е очигледен, сиромаштија има во секоја пора од општеството. Сведоци сме на систематското и континуирано кршење на човековите права и слободи, и покрај обидите, во краток временски рок, да се подобрат работничките права, да се намали сиромаштијата, да се реформираат синдикатите. Ова се само дел од заклучоците од проектот во контекст на проектот „Акција и интеграција“.
Нефункционалноста на системот секојдневно предизвикува морбидни и трагични последици по животот на луѓето, не поштедувајќи ги ниту децата. Иако грдото и лошо владеење на Никола Груевски и неговата коалиција, кои ја изгубија власта пред речиси две години, сепак широко распространетата корупција и криминалното владеење секојдневно го земаат крвавиот данок. Бавните реформи, компромисните решенија, политикантскиот пристап, но и објективно комплицираните состојби и процеси во земјата, не допуштаат да се подобрат состојбите со социјалната (не)правда во Македонија.
Ништо не може да го оправда ужасот низ кој минуваат децата низ нечовечниот систем на институциите кои се задолжени за нивно згрижување, одгледување, образование и добробит. Во Македонија, сѐ уште не постои еднаква можност за сите деца да живеат згрижени и со, барем, минимални можности за нормален развој, образование и живот. Граѓан(к)ите врз својот грб сѐ посилно ја чувствуваат сиромаштијата. Во Македонија сиромаштијата не познава ниту јазик, ниту нација, ниту вера! За време на изборна кампања сите политички претставници ветуваа(т) подобар живот за сите граѓан(к)и.
Истражувањата и анализите кои ЦИВИЛ пред извесен период ги спроведе со проектот „Социјална правда сега!“ и „Ветувања и злоупотреби“, како и бројните прилози и случаи во кои ги разоткривме социјалните неправди, укажуваат на фактот дека злоупотребата на социјалните прашања во Македонија потекнува од заробеноста на државата и бескрупулозните политички манипулации во борбата за моќ. Заклучокот од теренската работа е дека граѓан(к)ите едвај преживуваат или се заглавени во долгови, а извршителите секојдневно им дишат во врат!
ЦИВИЛ бара бескомпромисна заложба за социјална правда и ги охрабрува сите граѓанки и граѓани на Македонија да говорат храбро и слободно и да ни се придружат во бескомпромисните заложби за човечност, достоинство и солидарност.
Дехран Муратов
Mонтажа: Ариан Мехмети
Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста
This post is also available in: Albanian