Конференцијата #АкцијаИнтеграција за европски вредности, зелени алтернативи и антинационализам во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода беше посветена на споделување на искуства и решенија за унапредување во областите што ги покрива самиот проект.
На конференцијата воведно излагање имаа Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ кој зборуваше за целите и заложбите за промоција и практикување на европските вредности и зелените алтерантиви, и Биљана Јордановска, ЦИВИЛ, која зборуваше за истражувањето преку фокус групи токму на овие прашања.
„Овој наш напор наречен Акција – Интеграција го водиме веќе 10 месеци заедно со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија и е дел од една повеќегодишна стратегија во која ги споделуваме нашите активности и нашите вредности со оваа фондација, но и со сите останати поединци, невладини организации, институции на локално и национално ниво“, изјави Дерала.
Јордановска, пак, ги претстави главните наоди од истражувањето преку фокус групи во општините Скопје, Штип, Велес и Гостивар во април оваа година.
„Најголемиот дел од учесниците сметаа дека единствена можност за вклучување и учество во донесувањето одлуки можат да ја спроведат преку граѓанските организации или иницијативи.
Оние што одговорија дека не постои никаква можност за граѓанско учество проблемот го лоцираа во недоволната едуцираност и информираност. Според нив, самите граѓански организации не се доволно запознаени со законските можности за да можат да им помогнат и да ги вклучат граѓаните во донесување одлуки на локално и национално ниво. Другиот проблем е нетранспарентноста и затвореноста на локалните самоуправи“, изјави Јордановска во контекст на граѓанското учество во донесување одлуки на локално и национално ниво.
Во нејзиното излагање таа ги претставни и клучните наоди за демократските реформи, европските и зелените вредности.
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Биљана Јордановска
This post is also available in: Albanian