Нема да дозволиме загадувачка индустрија во Кавадарци, реагираат од Еколошкото друштво “Тисовец” од кавадаречкото село Возарци. Претседателот на душтвото, Сашко Данов во изјава за МИА, нагласува дека ваквата нивна реакција доаѓа, откако е објвена комерцијална информација, за поднесено известување за намера за изведување проект, за нови линии за проширување на асортиман и нови производи, за потребите на кавадаречка компанија.
-Министерството за животна средина и просторно планирање ја информираше јавноста дека инвеститорот доставил известување за намера за изведување на проектот, како и листа на проверка, за утврдување на потребата од ОВЖС за проектот. Со проектот се планира да се прошири дејноста, со воведување производствени линии за проширување на асортиманот на постоечките производи, со инсталирање линии за производство челични заварени цевки, за топло преобликување, за надолжно расечување, за сечење контури на табли лим, за профилирање на отворени профили. Исто така, со проектот се планира проширување на дејноста со воведување на производствени линии за нови производи, со инсталирање линии за профилирање црни, поцинкувани и пластифицирани трапезни лимови и производство на панели, планиран комплекс-ладна валавица, планирана цинкара-инсталација за топло поцинкување цевки и други челични производи, појаснува Данов.
Тој упатува предупредување до кавадарчани, тиквешани, до сите Македонци, дека Тиквешијата како вински бисер, лозарски рај и земјоделско царство се соочува со еколошка пропаст што ќе ги уништи сите лозарски, овоштарски и земјоделски производи.
-Сметаме дека и покрај тоа што кавадарчани и Советот на општина Кавадарци не дозволуваат такво нешто, инвеститорот се обидува да го протне својот проект преку мала врата. Ние како еколошко друштво во соработка со други невладини организации, заедно со бизнис секторот и винарии, ќе застанеме против овој предлог, се со цел да го заштитиме нашиот вински и земјоделски крај, додава Данов. (МИА)