„Идентитетските прашања ги учев преку примерот на цигарите филтер ‘Југославија’, првите филтер цигари во државата Југославија… По укинувањето на нивното производство, се појавија филтер ‘Ориентал’, со истиот визуелен интегритет, истата кутија, истата боја, истата графика и истиот квалитет или неквалитет… Јас веднаш се префрлив на ‘Ориентал’, и да бидам искрен, името не ми се допаѓаше многу, ама не ми ни пречеше променетото име“, изјави новинарот Ѕвездан Георгиевски, на панел дискусијата „Губење на идентитетот, или…?“, во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
„Кога човекот навистина го губи својот идентитет? Дали тогаш кога ќе го закопаме на некои гробишта, или можеби уште во текот на неговата болест кога неминовно се менува и неговиот физикус и неговата психологија и неговиот карактер? Или, можеби, неговот идентитет опстанува и по неговата смрт преку преданијата, записите од него или записите за него? И, каква врска има државата, нацијата, етничката припадност со нашето неминовно биолошко исчезнување?“, беа прашањата кои на присутните на панелот им ги постави новинарот Георгиевски.
Тој направи паралела со цигарите филтер „Југославија“ и со нивната „замена“, филтер „Ориентал“.
„Без оглед на името, јас ги викав филтер ‘Ориентал’ сѐ до крајот – филтер ‘Југославија’ и кога ги купував ги барав како ‘Југославија’ и никогаш не дојде до некоја забуна меѓу продавачот и мене. Секогаш ми даваше ‘Ориентал’, или ќе ми кажеше – ‘Добивме филтер Југославија’ и ќе ми дадеше штека ‘Ориентал’… За тој пушачки идентитет беше многу поважна некоја друга работа а не името, и почнав да размислувам која е таа друга работа која мене ме направи да им припаѓам на цигарите филтер ‘Југославија’. Веројатно, таа некоја култура на пушење и тој обичај да се запали токму таа цигара и да ти замириса така. Преведено на некој национален или колективен идентитет, веројатно културата и традицијата се многу побитни за нечија припадност, отколку што е самото име’, рече Георгиевски.
„На крајот на краиштата, мислам, иако може да звучи како ерес, дека ни јазикот не е толку важен за идентитетот, колку што е важна културата, обичаите… Прашањето не е како ќе го зачуваме јазикот, туку како ќе ја унапредиме сопствената култура“, смета Георгиевски.
„Зошто би сакал јас на пример, да ги делам вредностите на државата Македонија. Тие национал-романтичарски ставови, грутката или земјата во која си роден е – твојата татковина. Јас сум роден во Словенија, и освен фактот дека сум роден во Словенија немам никаков интимен однос према таа држава, односно, имам како кон сите други држави. Зошто би требало да имам инитимен однос кон Македонија? А во секој случај, се декларирам како Македонец, се трудам се обидувам да живеам пристојно во оваа држава, што подразбира дека се обидувам да обезбедам пристојни услови и за другите околу мене да живејат и да направиме некое пристојно место… Мислам дека треба да се занимаваме со функционална поврзаност меѓу луѓето врз база на некоја сосема други интереси кои ќе бидат материјални и духовни и кои ќе овозможат подобар живот“, потенцираше Георгиевски.
Разговорот со новинарот Ѕвездан Георгиевски е дел од проектот „Губење на идентитетот или…?“ кој ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија. Ставовите на десетина експерти и креатор(к)и на јавното мислење за идентитетските и општествено-политичките прашања поврзани со процесот за надминување на македонско-грчкиот спор со името деновиве ќе бидат објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Досега е објавен разговорот со Љубчо Георгиевски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен претседател на ВМРО-Народна. Ставовите и анализите за тоа што се добива, а што се губи со Преспанскиот договор ќе бидат објавени и во печатената публикација во декември.
Дехран Муратов
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста
This post is also available in: English