Додека граѓан(к)ите не можат да дишат од загадениот воздух, партиите се препукуваат кој е поголем виновник за тоа.
„Најрасипничкиот и мегаломански буџет во историјата на Република Македонија предвидува повеќе пари за луксузни автомобили и мебел наместо за подобрување на квалитетот на воздухот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додека од СДСМ им возвраќаат – Лицемерето на ВМРО-ДПМНЕ, партијата симбол за расипништво, криминал и корупција, нема граници. Цели 11 години го игнорираше проблемот со загадувањето на воздухот додека парите на граѓаните ги трошешe на луксуз, лажен барок, скапи возила и криминални тендери преку кои се уништуваше зеленилото и се загрозуваше животната средина.
Од опозициската партија додаваат дека власта која ветуваше решавање на проблемот со загадувањето на воздухот, повеќе од 2 години нема преземено ниту една мерка во насока на подобрување на квалитетот на воздухот.
„Загадениот воздух веќе ги полни болниците, а најпогодени се малите деца, бремените жени, возрасните над 65 години и хронично болните. Високото ниво на канцерогените ПМ 10 предизвикува големи проблеми со кардиоваскуларните и респираторните органи. Зоран Заев и Петре Шилегов ги излажаа граѓаните. Ветуваа чист воздух веднаш, а поминаа две години и ништо не е преземено. Наместо повеќе пари за животната средина, власта со буџетот за 2019 година ќе потроши 7 милиони евра за луксузни автомобили и мебел“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ додаваат дека владата наследи огромни проблеми со аерозагадувањето, но дека презема низа стратешки мерки со кои системски ќе се решава овој проблем.
„Во координација со Министерство за животна средина, Град Скопје, општините и надлежните институции, усвоен е План за чист воздух со кој системски на краток, среден и долг рок се решава загадувањето. За овој план, покрај редовните средства, одвоени се и дополнителни 1.5 милиони евра“, додаваат од СДСМ.
Д. М.