Групата ентузијасти, велосипедисти „На точак“, утре со почеток во 17: 30 часот на плоштад „Македонија“ организираат возење на велосипеди како протест против загадувачите на воздухот под мотото „Киртична маса #79: Заглавени и загадени“.
Тие велат дека оваа рута е повторување на рутата од првата Критична Маса посветена на загадувањето, а возена во јануари 2013 година.
Тогаш Критичната Маса била посветена на индустриските комплекси во Скопје и начинот на кој вработените се движат до нив. Се возело до цементарница УСЈЕ, Железара, минавме близу комплекс Газела и МЗТ, близу Пивара, Алкалоид, Европа, ЈСП и ним слични кои се сместени во градот и се наоѓаат до булевари по кои тогаш недостигаа велосипедски патеки. Овие индустриски центри имаат по илјадници вработени кои секојдневно се движат до работа и назад во слични термини и прават гужва по истите сообраќајници. Поради непостоењето на решенија за незагадувачки транспорт овие индустриски капацитети индиректно влијаат на загадувањето поради транспортот на нивните вработени и на нивните производи.
„Од јануари.2013 до сега поминаа скоро 6 години. Во меѓувреме се изведе велосипедска патека во должина на бул. Александар Македонски до Пивара/Алкалоид, но не беше продолжена до Естекада, што би ја приклучило до бул. Киро Глигоров и бул. Србија накај Аеродром, ни до ул. Благој Стефковски што би ја приклучило со населбите Маџари и Ченто. Булеварите Србија и бул. Киро Глигоров иако го поврзуваат Аеродром, една од најгусто населените општини со УСЈЕ на југ и останатите индустриски центри на север немаат квалитетни велосипедски патеки, а во делови немаат никакви тротоари. Последната новост од Град Скопје е дека се пуштени нови велосипедски патеки по бул. Борис Трајковски кои би го поврзувале центарот на градот и Драчево со УСЈЕ, но останува да испитаме дали се изведени на задоволително ниво“, велат од „На точак“
Активистите велат дека според последните истражувања сообраќајот не е најголемиот загадувач на воздухот, но тоа не значи дека не е голем загадувач.
„Ако сообраќајот директно учествува со 20% во вкупното загадување со PM честички и ако во најзагадените денови загадувањето стигнува до 500 µg/m3, тогаш дури и магично да се ослободиме ЦЕЛОСНО од сите останати загадувачи (греењето на домовите, индустријата, градежните активности), ќе останеме со повеќе од 100 µg/m3 од сообраќајот, што е дури 2 пати повеќе од максимално дозволената граница од 50 µg/m3“, велат тие.
Утре тие ќе побараат транспортна чистка со здрави транспортни политики.
Б. Ј.