„Преспанскиот договор не само што не влијае негативно врз идентитетот на Македонците во Република Македонија и не само што би можел да биде искористен за губење на овој идентитет, туку напротив, вака како што е срочен, со одредбите што се во него и она што го нуди како една правна рамка за идните односи меѓу Република Македонија и Република Грција, можеби можеме да го препознаеме како договор што отвора врата за едно ново видување на идентитетите “, рече професорката д-р Мирјана Најчевска, на панел дискусијата „Губење на идентитетот, или…?“, во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
„Идентитетот во Македонија во изминатите години најчесто се поврзува со она што се нарекува етнички идентитет, нешто помалку – религиозен идентитет, со идентитет на припадност кон државата, меѓутоа, најмалку од сè, кога се зборува за идентитетот, се зборува за граѓанскиот идентитет, за индивидуалниот идентитет… Тој идентитет не е хомогена категорија. Напротив, тоа е идентитет што е составен од повеќе видови на идентитети кои го сочинуваат она што претставува идентитет на одредена индивидуа“, смета д-р Најчевска..
„Хомогенизирањето што се направи во последните години и поставувањето на идентитетот единствено во корелација со етницитетот, ги избриша сите овие останати можности. И всушност, ги вкалапи луѓето – да мора да се препознаваат себеси само преку тој еден, етнички или национален идентитет. Всушност, ги осиромаши, им оневозможи да се идентификуваат со другите идентитети, им оневозможи да одат од еден во друг идентитет, им оневозможи да се дружат со другите луѓе со кои споделуваат некој од нивните различни идентитети…
Зошто е важен Преспанскиот договор за сето ова? Заради тоа што го урива единственото и хомогено идентификување на луѓето со етницитетот. Второ, затоа што отвора простор за градење на новите идентитети, нешто што во одреден момент ни било запрено, па дури и забрането! Трето, отвора можност за комуникација на едно друго ниво, културна комуникација, образовна, политичка и економска комуникација со луѓе со кои, на некој начин, цело време сме имале бариера токму заради поставувањето на тој еден-единствен, хомоген, етнички ориентиран идентитет“, потенцира Најчевска.
Вториот елемент на којшто можеби треба да се обрне внимание е и апсурдноста и анахроноста на постоењето на етницитетот, не само како единствен идентитет, туку, дури и како еден од идентитетите. Заради тоа што луѓето случајно се раѓаат во одредена етничка заедница… Многу случајно се раѓаат во одредена културна заедница. Многу случајно се раѓаат во одредена држава. И тоа што ги гради како посебни човечки битија коишто имаат одреден културен бекграунд, човечки битија кои имаат одредена врска со другите луѓе во потесната и во пошироката заедница и слично, е нешто што не смее да врзува. Тоа е нешто коешто треба да обогатува. Тоа е нешто што треба да додава елемент на различноста. Тоа е нешто што не треба да ги двои од другите луѓе, туку напротив да ги спојува со нив, заради тоа што имаат некоја посебност која може да ја споделат, нешто што можат да го додадат во она што претставува градење на општиот човечки идентитет како една многу хетерогена категорија. Она што според мене ни го овозможува Преспанскиот договор е токму подотворањето на вратата на едно поинакво перципирање токму на овој аспект на идентитетите“, децидна е професорката.
„Постои и елемент што јас би можела да го замислам во она што претставува позитивен аспект, позитивен инпут на Преспанскиот договор – внесот во пошироката заедница. Значи, градењето не само на европскиот, туку и на светскиот идентитет. Со тоа што луѓето ќе почнат да се гледаат себеси како дел од едно многу пошироко семејство, како дел од таква заедница во којашто разликите ги надминуваат етничките, јазичните и религиозните разлики и почнуваат да се прелеваат на сè она што претставуваат културни разлики, разлики во начините на живеење, во размислувањето, во градењето на ставовите и во можноста да се прифати различноста… Тоа е најверојатно најголемата придобивка што, според мене ќе ја имаме од Преспанскиот договор“, смета Најчевска.
Разговорот со професорката д-р Мирјана Најчевска е дел од проектот „Губење на идентитетот или…?“ кој ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија. Ставовите на десетина експерти и креатор(к)и на јавното мислење за идентитетските и општествено-политичките прашања поврзани со процесот за надминување на македонско-грчкиот спор со името деновиве ќе бидат објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Досега се објавени разговорот со Љубчо Георгиевски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен претседател на ВМРО-Народна и ставовите на новинарот Ѕвездан Георгиевски. Ставовите и анализите за тоа што се добива, а што се губи со Преспанскиот договор ќе бидат објавени и во печатената публикација во декември.
Маја Ивановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста