„Едноставно не сакав, никој, меѓу два залака мувлосано сирење и две голтки од со децении старо вино, да се расправа, скраја да е, да се тепа, кој најмногу му помогнал на последниот преживеан од Македонија, библиска, ли античка ли, папокот или анусот на светот, кој како милува…“, изјави новинарот Синиша Станковиќ, на панел дискусијата „Губење на идентитетот, или…?“, во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за своите аргументи за прифаќање на Преспанскиот договор.
„Се мислев дали да зборувам на дебатава, зашто сметам дека моето определување, сѐ она што го дефинира мојот идентитет се мое лично право, дел од мојата интима… Сепак, и во јавни настапи и во објавени текстови, последниве години, јасно се залагав за изнаоѓање решение кое на новите поколенија во Македонија, ќе им понуди иднина! А актуелното решение, иако нормално, не е идеално, сепак, нуди некаков излез од ќорсокакот. Особено, што со децении не е понудено ниту едно, поинакво, ама сериозно решение… “, рече Станковиќ, еден од говорниците од ЦИВИЛ на дебатата.
„Тешко е да се зборува за идентитетот… Кој е мојот идентитет? Човечко суштество, машки пол, родено пред повеќе од пет децении, во една, а сега живее во друга држава, како дете на родители – припадници на два според тогашните дефиниции – братски народа, здружени во ЈУ заедницата, ама со многу замешателства во крвната слика во семејните истории на двата родитела… Неостварен режисер, 34 години веќе новинар, главно фриленс – дописник и уредник во неделници, сопруг, татко, вујко, дедо-вујко, автор на неколку книги, долгогодишен кирајџија, кум и старосват, немтур-комшија, познаник на илјадници, колега на стотици, пријател на десетици, другар на… – на прсти се бројат… Љубител на вкусна храна и добра капка, некогаш одамна – красноречив и надобуден, сега главно резигниран и се почесто циничен до срж, демек некогаш убав и млад, сега само убав, ама тоа се нели, лични работи… “, рече Станковиќ.
Тој наведе примери од своите престои во Австрија и САД, од периодот на почетоците на борбата за името на Македонија и војната во некогашна Југославија, и за обидите да се избега од клишеата и стереотипите во поглед на дефинирањето и восприемањето на идентитетот.
„По стекнатите искуства, последниве години, едноставно, не сакав, на нечии чајанки, во јабаната, да ми ја прецртуваат, бришат и доцртуваат земјата од глобусот… Едноставно не сакав да ѕенѕам во место, или скраја да е да живеам во вистинското или фалсификуваното минато од пред гранап – македонските народни приказни во кои Итер Пејо секогаш победува, и редовно е најубав, најумен и најсилен…“, аргументираше Станковиќ
„Посакувам Северна Македонија да стане асли држава со сите нишани, во која сите жители, навистина ќе бидат еднакви пред својот бог и пред законот и ќе имаат еднакви права. Никогаш повеќе да не се користи она ‘некој меѓу нас не е наш…’, и сите да го споделуваат чувството на припадност, патриотизмот, идентификувањето со некоја целина, како нормални рационални луѓе, кои можат да живеат во исто маало со комшиите, а да не си ги пребројуваат крвните зрнца“, резимираше Станковиќ.
Изјавата на новинарот Синиша Станковиќ е дел од проектот „Губење на идентитетот или…?“ кој ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува во соработка со Фондацијата „Хајнрих Бел“ од Германија. Ставовите на десетина експерт(к)и и креатор(к)и на јавното мислење за идентитетските и општествено-политичките прашања поврзани со процесот за надминување на македонско-грчкиот спор околу името деновиве ќе бидат објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Досега се објавени ставовите на Љубчо Георгиевски, новинарот Ѕвездан Георгиевски, на професорката д-р Мирјана Најчевска, професорката д-р Катерина Колозова и професорот д-р Сашо Орданоски. Ставовите и анализите за тоа што се добива, а што се губи со Преспанскиот договор ќе бидат објавени и во печатена публикација во декември.
Ангела Петровска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста