На само 10 минути од центарот на градот Битола, се наоѓа населбата Баир. Во еден дел жителите немаат вода со децении, a иронијата да е уште поголема маалото се вика „Петочна Вода“.
Екипата на ЦИВИЛ Медиа, во таа населба пристигна околу 12 часот каде што нè пречекаа десетина граѓани, а најголемиот дел беа деца кои играа фудбал на валканите улици.
„Не ги пуштаме децата на училиште бидејќи останатите деца не сакаат да си играат со нив. Кој сака да си игра со валкано дете, вошки имаат… Вода грееме на шпорет на дрва и со кофи и чамче ги бањаме децата во полско ВЦ“, велат жителите на Баир.
Тие велат дека пред неколку години добиле водомери, но не им биле поставени, туку дадени на рака. Педесетина куќи немаат вода ниту за пиење, а со вода се снабдуваат од едно црево кое го нарекуваат чешма.
„Порано имавме неколку чешми, меѓутоа пред 4-5 години кога го асфалтираа патот ги скршија и оставија само црево (чешма) од каде што тече вода. Притисок имаме дури навечер и со хидрофор влечеме вода за да ги наполниме бурињата и кофите со вода. Тие што немаат хидрофор на раце носат по 20 до 50 литри вода со буриња“, додаваат жителите.
Тимот на ЦИВИЛ оствари средба со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска и директорот на ЈКП Водовод, Горан Козаров кои истакнаа дека знаат за тој проблем и се трудат да го решат.
„Ова е децениски проблем, наталожуван во општината пришто би го поделила на два дела, едниот е под магистралниот пат, а другиот е над магистралниот пат што воопшто не е во опфатот на Генералниот урбанистички план на Општина Битола. Пред девет години во тоа население било донесено вода и во домовите биле поставени водомери за да се гледа колкава вода се троши без обврска на населението да плаќаат, бидејќи се социјална категорија.
Водомерите кои беа таму поставени веќе ги нема, има ситуации на куќи каде што чешмите постојано течат и се намалува притисокот коешто би го имале оние од погорниот дел. Се случува во одреден дел да имате вода, а во одреден период да немате заради испустот коешто се случува во подолните куќи и неконролираното трошење на водата. Кога имаме ваков проблем, како би го решиле? Јас би го поделила на два дела, на краткоточни и долгорочни мерки. Краткорочна мерка би била овозможување преку ЈКП Водовод во рамките на нормално издржлива финансиска околност и тие водомери да бидат поставени кои носат некои финансиски трошоци, да се санира колку може долниот дел и енормното трошење на количината на вода, затоа што на тој начин се попречува во погорниот дел таму и кај што е надвор од опфатот на ГУП, сепак да имаат притисок на вода што ќе стигне таму, затоа што системот функционира гравитационо.
Подолгорочнота мерка е решение коешто мора системски да се решава со државата заедно, затоа што имаме население коешто има изградено објекти кои се супстандардни и коишто не можат да се наоѓаат во тие делови од градот. Тоа децениски се ширело, без да се води сметка дека се надвор од опгатот и дефинитивно мора да се најде системски пристап во градење на населби кои нема да биде на некој начин гетоизирање, односно излекување, затоа што имаме социјлано загрозени лица од сите етнички заедници, не се само Роми. Треба сите да имаат покрив над главата. Тоа е стратегија во која се опфатени Министерството за труд и социјална политика бидејќи ова е проблем на државно ниво“, истакна Петровска.
Таа додаде дека Агенцијата за патишта веќе има изготвено програма пришто на магистралниот пат каде што живеат Ромите ќе постават звучен зид заради безбедноста на луѓето, особено на децата.
Директорот Козаров потенцираше дека пред 10 години им беа поставени водомери, меѓутоа водомерите повеќе ги нема бидејќи ги препродаваа. Тој истакна дека е потребна едукација на населението, и дека во меѓувреме ќе видат што може да санира за граѓаните да имаат вода.
Во битолски Баир, во дел од населбата „Петочна Вода“ и во дел од улицата „Љубојно“ со децении нема вода. Во 21 век тоа е основно човеково право, и токму поради невладината „Баирска светлина“ во соработка со Европски центар за правата на Ромите од Будимпеша, во 2016 година поднесоа тужба на Општина Битола и ЈКП Водовод и досега имаше неколку рочишта.
„Ние како невладина организација дополнително се залагаме за решавање на овој проблем и сме во пресрет на општината Битола, дури и ако има можност во заедничка соработка да се најде некој донатор или инвеститор да придонесе за решавање на проблемот во тие делови каде што луѓето немаат вода“, истакна Ремзи Медик од „Баирска светлина“ .
Жителите се пожалија дека никој од политичарите, особено ромските претставници никогаш не ги посетиле за да ги прашат како живеат и како да им помогнат, додавајќи – „Тука доаѓаат само за гласови и потоа никој не те познава“.
Една жителка на „Петочна Вода“ додаде дека садовите ги мие во вангла и дека едвај готви.
„Во кој век живееме уште со чамки да се бањаме. Тука умираме за капка вода!“, истакна таа.
Дехран Муратов
Камера: Ариан Мехмети
Монтажа: Буњамин Камбери
Фотографија: Ангела Петровска