Општ колективен договор (ОКД) за приватниот сектор од областа на стопанството е договор со кој се доуредуваат правата и обврските на вработените и работодавачите во приватниот сектор. Тој треба да претставува еден вид на социјален дијалог помеѓу вработените и работодавачите преку кој тие самите без посредство на Владата ќе ги уредат работните односи. Кај нас го потпишуваат Организацијата на работодавачите на Македонија и Сојузот на синдикатите на Македонија.
ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството е задолжителен за вработените и работодавачите од приватниот сектор. Поточно, со ОКД се уредуваат одредени прашања кои не се уредени со Законот или не се јасно дефинирани. Тоа што е од големо значење е дека никогаш во колективниот договор не смеат да се уредат помали права од правата уредени со Законот за работни односи (ЗРО). Можат да се напишат одредби кои доделуваат повеќе или поповолни права од оние уредени во ЗРО, но никогаш помали и понеповолни.
Правото на надоместокот за исплата на регрес за годишен одмор, попознато како К15, не е регулирано со Законот за работни односи. Тоа значи дека Законот кој ги уредува работните односи во РМ не познава право на регрес за годишен одмор. Овој надомест е регулиран само во колективните договори, иако сѐ уште е задолжителен, поради тоа што не постои во ЗРО, оставена е преголема слобода да го уредат ова право како сакаат, а дури можат и да го избришат ако им текне.
Прво во колективниот договор стоеше дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата ако работел најмалку 6 месеци во текот на годината кај ист работодавач. Ама на работодавците им се виде зор некако со ова секоја година да плаќаат и во 2015 година го изменија да гласи вака:
„Работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач. Кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација на ниво на гранка, односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација, може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со колективниот договор. Кај работодавците кај кои нема синдикат спогодбата се потпишува со претставник избран од работниците.“
Ова го поставиле вака фино, за да не функционира. Ако имал тешкотии можело и во помал износ… А што значи помал износ? Помал износ од 9.000 денари е и 1 денар. Согласно ОКД, регрес може да се исплати и во износ од 1 денар.
Значи, работодавачот приложува потребна документација дека работи со загуба, односно дека се соочува со финансиски тешкотии (иако досега немам од никој добиено одговор што значат тие тешкотии и како се цени економско финансиската состојба) и составува спогодба во која пишува дека сите вработени се согласуваат да им биде исплатен регрес за годишен одмор во некој јаден износ од, на пример, 1.000 денари и го потпишува работник близок до работодавачот. Има случаи каде што се исплаќаат и 500 денари, а и помалку.
Оваа одредба, што дозволува да се исплати регрес за годишен одмор во незначителен износ, е воведена поради препознаената потреба на работодавците кои, поради финансиски тешкотии, не се во состојба да исплаќаат регрес за годишен одмор еднаш годишно на вработените. Работодавците барале, оние компании кои немаат финансиска можност да бидат ослободени од оваа обврска, работниците би требало да си ги бараат нивните права и се направил некаков компромис. Компромисот го нашле во оваа одредба која, всушност, овозможува воопшто да не се почитува ова право кое навидум е задолжително и стои во Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Моментално, од таа причина и компании кои немаат никакви финансиски потешкотии, исплаќаат К15 во многу мал износ.
Освен тоа што некако е оставена да виси оваа нефункционална одредба која ја почитуваат само совесните компании, исто така, во Кривичниот Законик се воведе и кривична одговорност за работодавците, односно за тој што ќе побара од работникот да му врати одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот, за што е пропишана казна затвор од три месеци до три години. Оваа кривична одговорност се воведе поради сознанијата дека дел од работодавачите кои исплаќаат плата и надоместоци во кои се подразбира и регресот за годишен одмор согласно закон и колективен договор, подоцна бараат од работниците да им ги вратат парите назад. Меѓутоа, јас сѐ уште не познавам работодавач кој бил во затвор поради ова, а овој феномен сѐ уште постои во пракса.
За тоа дали лесно може да се даде отказ… Може, поради тоа што поголем процент вработени се во работен однос на определено време, со договори на неколку месеци и така ги држат со години. Овој вид на договор за вработување овозможува работникот да добие отказ, поточно да му престане работниот однос за време на бременост, за време на боледување, во случај кога работникот ќе стане „погласен“ кога работникот ќе се зачлени или, не дај боже, ќе основа синдикална организација и во сите случаи кога работодавачот, согласно Закон, не смее да го откаже договорот за вработување. Овој договор овозможува, едноставно, на работникот да му престане договорот за вработување, по истекот на рокот за кој е склучен. А никој околу не гледа дека тој работник 10 години работи со договор за вработување на определено време и во секоја постапка работодавачот не поднесува одговорност што не го трансформирал работниот однос – работникот си е крив поради тоа што не побарал самиот да му се трансформира работниот однос.
Работниците вработени со договор на неопределено време малку потешко се отпуштаат. За да го отпушти, со ваков работен однос, на работодавачите им треба причина што е определена само со закон. Порано беше лесно, зашто, како една од причините за отказ без отказен рок, што стои во законот, е „ако работникот три дена последователно не се појавил на работа“ и така им велеа, без писмена одлука: „Оди си дома, повеќе не работиш тука.“ Работниците си одеа и добиваа отказ поради тоа што 3 дена последователно не се појавиле на работното место.
Се надевам дека кај работниците сега има повисока свест за нивните права и за начините на манипулација од страна на работодавачите и дека, иако сѐ уште стои оваа карта во ракавот на работодавците, ова не се случува толку често.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
илустрација: Џ. Дерала