Околу 115 предвремени смртни случаи годишно се последица на емисиите на штетни супстанци емитувани од термоелектричната централа „Осломеј“, се проценува во техничкиот извештај „Здравствено влијание на термоелектричните централи на јаглен на Западен Балкан“, што во 2016 година го изработила група експерти од Алијансата за здравје и животна средина (HEAL) од Брисел, Белгија.
Алијансата е мрежа на повеќе од 70 организации и водечка непрофитна организација во ЕУ за влијанието на животната средина врз здравјето.
Според студијата, централата, која работи на нискокалоричен јаглен лигнит, со сегашната технологија емитува 18 пати повеќе сулфур диоксид, двапати повеќе азотни оксиди и дури 21 пат повеќе ПМ 2,5 честички од европските стандарди.
Двете термоелектрани во земјава, РЕК „Осломеј“ и РЕК „Битола“ немаат А-интегрирана еколошка дозвола, но имаат специјален статус и рок до 1 јануари 2028 година да го намалат загадувањето на нивото потребно да ја добијат дозволата.
Студијата, која опфаќа 16 централи на јаглен од Западен Балкан и нивното влијание врз здравјето, проценува дека работата на „Осломеј“ годишно го чини општеството меѓу 48 и 132 милиони евра потрошени за лекување од последиците на загадувањето.
„Почнувајќи од 2018 година, балканските централи на јаглен ќе мораат значително да ги намалат емисиите на штетните гасови. Станува сè појасно дека операторите од самиот почеток ќе имаат проблеми да ги достигнат целите во намалувањето на загадувањето. Владите на земјите од Западен Балкан не треба да чекаат и да ги одложуваат мерките до 2028 година, кога конечно мора да бидат достигнати граничните вредности пропишани во Анексот 5 на Директивата на ЕУ за индустриски емисии. Постојат и гранични вредности кои мора да се достигнат и во 2018, или 2023 година. Владите се одговорни за тие да се достигнат. Покрај тоа, државите кои ќе станат членки на ЕУ пред 2028 година веќе ќе мораат да ги имаат исполнето овие стандарди“, се нагласува во студијата.
Извештајот проценува дека околу 580 животи годишно би се спасиле ако македонските централи на јаглен го доведат нивото на загадување на воздухот до она пропишано со европската Директива за индустриски емисии.
Игор К. Илиевски