Граѓанска иницијатива ЕкоКарпош 3, 2, 1 започнаа петиција за стопирање на Законот за градежно земјиште, кој е во интерес, како што велат, на урбаната мафија.
Петицијата е повик до Владата и Собранието да го сменат членот 15 од Законот за градежно земјиште од 2015 година. Иницијаторите очекуваат дека ќе соберат 10.000 потписи со што официјално ќе ја достават петицијата до Владата и Собранието.
Во Законот за градежништво излезен во Службен весник број 15 од 02.02.2015 година (првично донесен 2008 година), член 15, стои дека за оформување на градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација доколку лицето има во сопственост повеќе од 30% од градежната парцела, државата може да го отуѓи и да го продаде на сопственикот во непосредна спогодба!
„ Во последниве години ова се случуваше постојано и никнаа многу големи објекти со што се нарушени условите на хумано живеење во многу населби и е загрозено основното човечко право на здрав живот утврдено со Устав!
Време е Владата и Парламентот да почнат да работат во интерес на народот и да овозможат похумани услови за живеење, за да може да се спаси она што е останато од животната средина“, стои во петицијата.
Барањата се итно, со скратена постапка да биде донесен нов член од законот со кој лицето кое сака да ја дооформи парцелата ќе треба да има 80% од градежната парцела за да може да го докупи остатокот што е во државна сопственост.
Б. Ј.