Инвестиции од 230 до 370 милиони евра се потребни за термоелектраните на лигнит „Битола“ и „Осломеј“ да ги достигнат европските еколошки стандарди и да го намалат загадувањето, но, дури и финансиски, придобивките се многу поголеми од цената, утврдила студија нарачана од Енергетската заедница, меѓународно тело на 9 земји од југоисточна Европа. Анализата „Студија за потребата за модернизација на големите согорувачки капацитети во Енергетската заедница“ ја изработила белградска консултантска куќа.
Двете термоелектрани во моментов испуштаат штетни материи неколку пати повеќе од граничните вредности дозволени со европската регулатива. „Битола“ и „Осломеј“ се единствени од осумте големи согорувачки капацитети кои немаат добиено дозвола за усогласување со оперативен план/интегрирана еколошка дозвола. Тие се опфатени во националниот план за редукција на емисии, но согласно одлуката на Енергетската заедница, имаат рок до 2028 да го намалат загадувањето до границите пропишани во европската регулатива.
„Релативно застарената опрема и технологија на овие капацитети бара да се спроведат големи инвестициски проекти на подолг рок, за кои се потребни значајни финансиски средства, со цел да се надградат постојните инсталации со најдобрите достапни техники и да се намалат емисиите на загадувачките супстанци“, се оценува.
Во анализата се разгледани две сценарија, инвестиции за да се постигнат стандардите од Директивата 2001/80/ЕЗ (Директива за големи согорувачки капацитети) и стандардите од Директивата 2010/75/ЕЗ (Директива за индустриски емисии). Инвестициите потребни за да се достигнат европските стандарди се 229,7 милиони евра за првото и околу 371,6 милиони евра за второто сценарио. Околу половина од потребните инвестиции се за изградба на систем за десулфуризација, околу една третина за системи за отстранување на азотните оксиди, а остатокот за системи за отстранување на прашината (ПМ честичките). Вкупните инвестициски трошоци се пресметани на 230 милиони евра за првото и 272 милиони за второто сценарио, а трошоците за операции и одржување околу 12 односно 17 милиони евра годишно.
Но, студијата ги анализира и таканаречените „надворешни трошоци“ на производството на струја во Македонија, односно трошоците што за целото општеството ги предизвикува загадувањето од термоелектраните на лигнит. Тоа во Македонија е проценето на 10,2 евроценти за секој киловат на час.
„Нивото на надворешен трошок во Македонија е високо поради условите на употреба на лигнит во ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј“, се наведува во студијата.
Но, студијата на крај прави анализа на „зазеленувањето“ на централите од аспект цена-придобивки.
„Резултатите покажуваат дека во сите случаи придобивките значително ги надминуваат трошоците за заштита на животната средина. Просечниот однос цена-продобивки е околу 26 (пати) за сценариото на постигнување на стандардите за големи согорувачки капацитети, и 22 за исполнување на стандардите за индустриски емисии“, заклучува консултантската куќа во студијата.
Игор К. Илиевски