Скопје деновиве се соочува со голем проблем со загадувањето, па така, се искачи на првото место за најзагаден град, не само во Македонија, туку и во светот.
Граѓаните реагираат, институциите преземаат помали и не толку ефикасни мерки во однос на тоа.
Кога Скопје се најде на врвот на листата за најзагадени градови во светот, Владата донесе мерки со кои на учениците им се продолжи распустот за два дена, а граѓаните имаа бесплатен превоз еден ипол ден.
Граѓаните се револтирани од фактот дека сè уште нема некакви сериозни мерки, па по тој повод, за утре (1 февруари) се организира блокада на Дрисла, од „Движење за чист воздух“, која ќе започне во 12 и 5, и според организаторите ќе трае 15 минути.
Барањата на граѓаните се: да се смени правилникот за извршување инспекциски надзор, усогласувајќи го со ЕУ нормативите (диоксини, формалдехиди, фурани), во најбрз можен рок да се донесат правилници за индустриски емисии и воведување најдобри производствени пракси за тој сектор и раскинување на договорот со италијанската фирма-концесионер, поради целосно неисполнување на договореното.
За иницијативата „Движење за чист воздух“, Тони Никушевски вели дека се собрале спонтано, дека активистите на движењето се познаваат со години, дека имаат исти ставови во оваа сфера и дека сите се засегнати од овој проблем.
„Живеејќи го овој пекол… од таму дојде идејата“, вели Никушевски.
Претходната недела беше организиран протест од друга организација „Канцерогено општество“, за кои излегоа различни шпекулации во медиумите, а воедно чекаа и до последен момент да се претстават пред јавноста. Протестот се одржа во сабота, започна пред Собранието и продолжи до Владата на Македонија.
Едни од барањата на „Канцерогено општество“ беа веднаш да се свика итна владина седница поради алармантната состојба на квалитетот на воздухот во државата, која би вклучувала експерти, доктори, еколози, еко-активисти и сите кои реално би помогнале за подобрување на состојбата, и Владата да ги употреби сите потребни средства за справување со проблемот.
Во врска со комуникацијата со институциите и со јавноста, Никушевски од „Движење за чист воздух“ вели дека досега тие имале состаноци со министри, давале интервјуа за медиуми, така да не се непознати за јавноста.
Според него, сите организации кои се засегнати од овој проблем, воедно и граѓаните, треба да се спојат и заедно да побараат да се решат проблемите на легален и нормален начин.
Организаторите велат дека тие им даваат рок од 15 дена за исполнување на барањата, а во случај да не се исполнат истите, следниот чекор би бил блокирање на Град Скопје и поднесување тужба.
„Имаме подготвени адвокати и материјали. Мора да се менуваат работите на нормален начин“, додава Никушевски.
ОЈО отвори предмет за кривично дело „загадување на животната средина и прородата“ минатата година, по што Дрисла беше казнета со 8.500 евра. И толку. Проблемите останаа и покрај тоа што Државниот инспекторат за животна средина констатираше дека Дрисла не ги почитува протоколите за горење медицински отпад.
Иако државата овој проблем со загадувањето го има долги години, Владата во јануари годинава усвои Предлог-програмата за реализирање на Планот за чист воздух за 2019 година, која ќе се заснова на четири компоненти и тоа: мерки за директно справување со причините за загадување, градење на јавната свест од предучилишна до пензионерска возрааст, регулаторни промени неопходни за транзиција кон енергетски систем со ниска емисија и имплементрација на платформа за координација и следење на реализација на програмата.
Ангела Петровска
Фотографии: Роберт Атанасовски