Индиската држава Сиким ќе започне експеримент со кој ќе им обезбеди основен паричен приход на сите свои 610.000 граѓани. Реализацијата е предвидена за 2022 и доколку се оствари би била најголемиот експеримент на основен приход во историјата.
Според изјавата на Пранаб Бардан, економист од универзитетот Беркли, Калифорнија за Вашингтон Пост, во земјите со низок или среден доход, како Индија, образложението за ваков експеримент е да се реши минималната економска несигурност на поголем дел од населението, а не само на најсиромашните.
Еден од поддржувачите на овој концепт е и Марк Цукенберг, основачот на Фејсбук, како начин за трансформација на економијата и ублажување на сиромаштијата.
„На крајот тоа е прашање на политичка волја. Со порастот на глобалната нееднаквост, сакаме да обезбедиме да ги премостиме разликите“, вели П.Д. Раи, член на парламентот на Сиким, додавајќи дека ако има шанса некаде да успее ваков експеримент, тоа е во Сиким.
Покрај позитивните коментари за експериментот, се појавија и оние кои се поскептични. Тие велат дека на овој начин ќе се дестимулира желбата за работа. Дали проектот ќе успее или не, останува да видиме.
Инаку, Сиким е позната како земја во која успеваат „необични“ експерименти. Во 1998 година, Сиким беше една од првите индиски држави кои забранија употреба на пластични кеси – забрана која таа успеа успешно да ја спроведе, за разлика од многу други држави. Сиким, исто така, обезбеди домување за сите нејзини граѓани. Неодамна, таа стана првата органска држава во земјата, со елиминација на употребата на пестициди и ѓубрива.
Б. Ј.