пишува: Дијана Тахири
[dropcap font=”arial” fontsize=”45″]Н[/dropcap]ајвеќе од сѐ, ми пречи кога мојот родов, етнички и интелектуален идентитет се користат за какво било процентуално застапување во одредени прилики. Бидејќи човечкото битие во основа би требало да биде состав од мноштво идентитети коишто со нивното преплетување внатре во човекот, како физикус, како интелектуално битие, создаваат една целина. Кога таа целина се дели, односно, кога од таа целина се зема еден дел, за утилитарни потреби, занемарувајќи ги другите делови од таа целина, тогаш се добива само делумна слика, одговор, движење, квалитет без потребната одличност што ја носи во себе комплетното човечко битие.
Често знам да се замислам во правец на идентитетите што ги поседувам. Како човек, жена, мајка, пријателка, колешка, работник, домаќинка, и неколкуте етнички идентитети што се преплетуваат во моето битие во оваа земја.
Се викам Дијана, се презивам Тахири. Моето моминско презиме е Јумеровиќ, изведено од презимето Имери, за време на првата светска војна, за да продолжи и по втората светска војна, па потоа во комунистичкиот систем. Некаде при крајот на комунистичкиот систем во тогашна Југославија, луѓето почнаа да си ги враќаат своите автентични презимиња, од „ски“, „виќ“ или „ов“, во зависност од географската положба на престојувањето на предците на коишто им ги измениле презимињата, со асимилациски намери. Јас не стигнав да си го порменам презимето, бидејќи стапив во брак, и без многу размислување го прифатив презимето на мојот сопруг. Не го сменив презимето ниту по неговата смрт, бидејќи не сакав да и создадам уште повеќе збунетост на мојата ќерка, којашто беше многу малечка кога остана без еден родител.
Моето презиме со српска „одредница“- „виќ“ , лично, не ми претставувало некоја забуна или несигурност во идентитетска смисла. Мојот етнички идентитет, по мајка и по татко е албански, зачинет со уште неколку други по таткова страна. Секој друг етнички идентитет покрај овој, официјалниот, со којшто се претставувам кога тоа се бара од мене, и се претставувам со пишан збор и јазик на којшто комуницирам дома со моето потесно семејство, никогаш не претставувал некаква закана за другиот, третиот…
Но, во општеството во коешто живеам, не е толку едноставно. Во текот на моето досегашно живеење, често не ми бил прифаќан идентитетот – Албанка, бидејќи, не сум личела на Албанка. Од Албанците, со коишто го делам идентитетот, исто така имав неприфаќање на идентитетот, за нив често исто така не личев на Албанка, а тоа се должи на стереотипите развиени во сите заедници во Македонија. На пример, кога се запишав во средно училиште, рашив да учам на македонски јазик. На првиот училишен ден се сретнавме нели учениците од класот, и откако дознаа дека сум Албанка, неколку соученици се собраа околу мене и ми поставуваа многу интересни и смешни прашања. Дали сум црна отсекогаш, или сум била на море… „нели вие не одите на море?“. Или, дали мајка ми работи, и кога им потврдив дека работи, ме прашаа како се облекува кога оди на работа. На што не можев да одолеам и да се пошегувам со следниот одговор: „Има посебни шалвари, за секој ден по еден пар.“ Подоцна сфатив дека поголемиот број од соучениците немале никаков контакт со Албанци во текот на животот, па затоа и имаа погрешна претстава за тоа како изгледа Албанка или Албанец, односно, немаа никаква претстава, туку претставата им беше пренесена. Во текот на четиригодишното учење, станавме многу добри другари, без исклучоци. Дури и дојдоа кај мене на гости, од чиста љубопитност, за потоа да видат и сфатат дека живееме, се однесуваме, јадеме, правиме се слично, освен што зборуваме на различни јазици. Овие работи не ми попречија да се развијам во зрела и сигурна личност, напротив, дури и ми помогнаа.
Но, секако дека ми пречи кога некој, во мојата земја, ме нарекува малцинство. бидејќи по мое поимање, никаде на светот нема малцинства, кога станува збор за човечкиот идентитет. Сметам дека административната бројка не би требало да го одредува статусот на еден народ во една одредена држава. Замислете ја Европа како една држава, и некој во неа постојано да ве нарекува малцинство, да ви го трие носот со некакви права што постојано ви ги дава, бидејќи како помалкубројна заедница, по дифолт треба да ги заслужите, и да бидете во нечија милост или немилост. Ја одбрав Европа како пример за држава, бидејќи денешниот тренд е влез во таа голема заедница, со многу отстапки од страна на нашата земја, исполнувања и испорачувања на зададени задачи кон таа одредница, со финална цел, еднаквост по секаква основа. Замислете како се чувствуваме ние, другите, во нашата заедничка земја… Кога станува збор за тоа дали со пристапот во ЕУ, моите сограѓани Македонци би го изгубиле својот идентитет, со сигурност ќе кажам дека нема да го изгубат. Како и да те нарекува некој, секогаш ќе бидеш тоа што си. Секогаш сум се борела кога едниот од моите идентитети некој ми го напаѓал, секогаш има некој на кого ќе му пречи тој некој друг идентитет, кога станува збор за етничкиот, бидејќи во моментот станува збор токму за етничкиот идентитет. Највеќе од се, ми пречи кога мојот родов, етнички и интелектуален идентитет се користи за какво било процентуално застапување во одредени прилики. Бидејќи човечкото битие во основа би требало да биде состав од мноштво идентитети коишто со нивното преплетување внатре во човекот, како физикус, како интелектуално битие, создаваат една целина. Кога таа целина се дели, односно, кога од таа целина се зема еден дел, за утилитарни потреби, занемарувајќи ги другите делови од таа целина, тогаш се добива само делумна слика, одговор, движење, квалитет без потребната одличност што ја носи во себе комплетното човечко битие.
Текстот е дел од публикацијата „Губење на идентитетот или…?“ од истоимениот проект на ЦИВИЛ во соработка со Фондацијата Хајрих Бел.