„Подобро на -5°C #НаТочак, отколку на 1611µg/m3 со кола“ е мотото на Критична маса 56 во Прилеп што денеска со почеток во 17:30 часот со возење велосипеди низ градот ќе ги пренесат своите барања за мерки против загадувањето.
„Прилеп е загаден. Во зима најмногу до израз доаѓа загадувањето на воздухот, но Прилеп е загаден град и по други основи. Загаден е од бучава, загаден му е јавниот простор, загаден е од небезбеден сообраќај, загаден е од лоши граѓански навики, но загадено е и од лоши политики на водење на градот со години наназад“, велат од „Прилеп на точак“.
Тие посочуваат дека сообраќајот директно учествува со 20% во вкупното загадување со PM честички и ако во најазгадените денови загадувањето стигнува до 500 µg/m3, тогаш дури и да ги нема останатите загадувачи, остануваат повеќе од 100 µg/m3 од сообраќајот, што е дури 2 пати повеќе од максимално дозволената граница од 50 µg/m3.
Да се прочистат тротоарите и јавниот простор од окупацијата од автомобилите. Ослободувањето на тротоарите, велосипедските патеки и јавниот простор од автомобилите го поттикнува одењето пеш и користењето на точакот како транспортно средство, да се прочисти градот и од звучно загадување… да се прочисти безбедносно градот, се дел од барањата на оваа група ентузијасти.
„Да ги прочистиме и сопствените транспортни навики. Колку и да очекуваме некој друг да најде решение за прочистување од загадувањето никогаш не треба да се оградуваме на индивидуалната одговорност, а тоа е што може секој од нас да направи во врска со здравите транспортни навики. Иако нашиот град со години наназад е проектиран како во него најлесно да функционираме со автомобил (поради ова повикуваме на институционална одговорност), тоа не треба да ни биде изговор дека ќе се возиме со својот автомобил се додека политичарите или останатите сограѓани не најдат решение за загадувањето на градот“, велат тие.