Нема најава дека „Еуромакс Рисорсис“ ќе ги тужи струмичките еколошки активисти за нивните објави на социјалната мрежа „Фејсбук“ поврзани со отворањето на рудникот Иловица чиј концесионер е оваа компанија. Во најновото соопштение упатено до јавноста, се вели дека „Еуромакс“ ќе продолжи да ги користи сите правни механизми за да спречи ширење на дезинформации и лажни вести за проектот и компанијата, без образложување што конкретно подразбира под тоа, јавува МЕТА.
Во дописот од „Еуромакс“ стои дека, согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, побарале „од одредени поединци да се извинат за изнесување паушални и манипулативни изјави што не се поткрепени со факти или со експертско мислење“ и дека во барањата за извинување кои се доставени до поединците немало закани, туку едноставно барање за извинување согласно роковите пропишани со Законот за граѓанска одговорност со цел населението да биде запознаено со вистинските информации и факти за проектот.
На четворицата струмички еко-активисти, собрани зад граѓанската иницијатива која се бори против отворање на рудникот на бакар и злато во атарот на струмичките села Иловица и Штука минатата недела, од страна на правните застапници на „Еуромакс Рисорсис“, писмено им беше наложено во рок од 48 часа да објават јавно извинување и демант на своите пишувања поврзани со странскот концесионер, во спротивно ќе се соочат со тужби за клевета и навреда.
Наместо тоа, тие објавија уште поостри коментари на сметка на концесионерот, нарекувајќи ги овие дописи од адвокатите на „Еуромакс“ – обид за заплашување и деморализирање на народот. Со истиот став излегоа и дваесетина еколошки и граѓански иницијативи од државата, кои ги поддржаа струмичките екологисти.