Поврзани преку иницијативата Fridays For Future во глобални рамки, група еко-активисти, средношколци, на 15 март, во 12 часот, повикаа нивните врсници да ги напуштат школските клупи и да им се придружат на сите млади луѓе ширум светот во движењето Global Strike for Future за заштита на животната средина.
Под мотото #ВоБорба за животната средина, #ВоБорба за иднината! младите ги повикуваат и сите еколошки здруженија и иницјативи, како и сите млади, но и нивните родители, професори, граѓанки и граѓаники, да излезат на протест пред Владата, каде главниот збор ќе го имаат младите.
„Соочени со целосната инертност и безидејност на нашата влада во однос на загадувањето, многумина од младите размислуваат едноставно да се отселат од оваа земја некаде каде што воздухот не е загаден до степен на канцер и каде што во почвата не циркулира преработениот токсичен отпад од депониите без никаква контрола. Но тоа не е излез! Во следните децении, нашиот проблем ќе стане проблем насекаде, затоа што незаинтересираноста на оние кои имаат моќ за било што друго освен зголемување на нивната моќ постои насекаде, не само во Македонија. Насекаде, експлоатацијата на фосилни горива и испуштањето на јаглерод диоксид ја зголемува температурата, што за само неколку децении ќе предизвика колапс на глобалниот екосистем, ако итно не преминеме на обновливи извори на енергија и ако не престанеме со безмилосната сеча на шумските предели“, велат во својот повик.
Преку протестот ќе се побараат итни и ригорозни мерки, максимални казни за најголемите загадувачи, контрола на препработка на отпадот во депониите и негово безбедно складирање, воведување на сеопфатна еколошка транспортна инфраструктура…
Оваа иницијатива е поддржана од активистите на Eko-svest, Движење за чист воздух, Eco Guerilla, Чист Охрид, Канцерогено Општество, O2 Иницијатива и Средношколски Глас.
Б. Ј.