„На толку дебати, состаноци и средби, и средства на даночните обврзници дадени за експерти и дневници, работните групи кои се зaдолжени за изработка на овие закони ни даваат старо-нов закон за Водно, без битни промени, и буквално препишан од пред 40 години. Ова сега што се промовира како Закон за Водно е далеку од оној lex specialis кој што беше најавуван од страна на градоначалникот Шилегов“, реагираат од здружението „Го сакам Водно“ по вчерашната изјава на заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.
Макрадули вчера изјави дека е при крај подготовката на законите за заштита на Водно и на регионот Матка и дека, законот предвидува дека „ќе постојат заштитени зони во кои нема да може ништо да се прави, додека во други ќе може да се интервенира за рекреација и за објекти.“
Од „Го сакам Водно“ ги загрижува изјавата на министерот во која се вели дека ќе постојат заштитени зони во кои нема да може ништо да се прави, додека во други ќе може да интервенира со градби на објекти и за рекреација.
„Токму тие „рекреација и објекти“, најчесто имаат широко толкување и се злоупотребуваат, и прават ден за ден да го губиме Водно. На Водно не му се потребни нови содржини и измислици! Потребна му е заштита!“, велат активистите.
Тие истакнаа дека до сега не биле дел од ниту една средба на работните групи, ниту пак биле поканети да учествуваат, а немаат сознание која од граѓанските организации и дали воопшто некоја била дел од процесот.