Институтот за комуникациски студии започнува кампања од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“. Претставувањето на кампањата ќе биде утре, 5 март, во 11 часот во Клуб-ресторанот МКЦ во Скопје.
Целта на кампањата е да се зголеми притисокот кон јавните институции за поефикасно решавање на проблемите од животната средина и истовремено да се поттикне и насочи граѓанскиот активизам кон државните и локалните институции за прифаќање на концептот на одржлив развој. Кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ ќе се реализира во текот на 2019 година и ќе биде поделена на три теми: одржливи градови, здрава околина и климатски промени.
На настанот ќе говорат дел од поддржувачите кои се вклучени во кампањата проф. д-р Дивна Пенчиќ, професор по урбанизам, проф. д-р Дејан Мираковски, експерт во областа на аерозагадувањето и вон. проф. д-р Ана М. Лазаревска, експерт за енергетски менаџмент.
Кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ се реализира како дел од проектот „Поддршка за добро владеење преку граѓанско учество за поголема транспарентност и отчетност на институциите“, кој е финансиран од Британската амбасада во Скопје.